МКК Куманово е тимот кој во сезоната 2024/25 заврши како третопласиран. Имено кумановци попладнево на свој терен во вториот меч од плеј – оф серијата за тоа трето место во нашата елитна кошаркарска лига, успеаја да слават со 81:62 против Работнички и со тоа да победат со конечни 2:0 во оваа серија.
Сосема доволно за севкупен триумф.
Инаку ова е важно за МКК Куманово, тим кој што со овој триумф над Работнички, си обезбеди пласман во АБА2 за следната сезона.
Во првиот период гостите од Скопје дадоа силен отпор, домашните овој период го добија само со +1 поен разлика. Во вториот дел веќе се насетуваше во која насока ќе оди овој меч откако на пауза се замина со +6 поени за домашниот состав.
Во продолжение од средбата кумановци само ја зголемуваа разлика без некој посебен проблем, па на крајот заслужено славеа.
Најефикасен на средбата беше Луковиќ кај победничкиот тим со 19 поени, се истакна и Тадиќ со 16 поени, додека кај поразениот состав од Скопје, Робев запиша 13 поени.