Десет дена женската сениорска репрезентација ја темпира формата за настапот во Европската Сребрена лига 2025, во Струмица. Сè тече во најдобар ред, екипата е комплетна од самиот старт и тоа е одлична можност што подобро да се воиграат и тактички да се подготват девојките за првиот турнир, на кој ќе бидеме домаќини од 30 мај до 1 јуни.
Репрезентациите на Швајцарија и Луксембург ни се првите противници во годинешното издание, а атмосферата е на високо ниво и репрезентативките се оптимисти дека може да се радуваме и на победа по подолг период.
„Подготовките течат во најдобар ред, сите девојки се супер, комплетни сме од првиот ден. Секако дека работиме на форма, на тактика и се подготвуваме за првиот натпревар на 30 мај. Искуството на нас, повозрасните и нормално енергијата и силата на помладите е она што не прави добра екипа и сметам дека овојпат ќе направиме исчекор и во женската одбојка ќе имаме успеси за радување“, потенцира капитенот на селекцијата Емилија Попјордановска.
Македонија во салата „Парк“ во Струмица, ќе ги игра натпреварите со Швајцарија и Луксембург, како еден од организаторите на првите турнири од Европската Сребрена лига 2025. Според распоредот Македонија ќе го отвори турнирот на 30 мај во 20 часот против селекцијата на Луксембург. Ден подоцна нашата репрезентација е слободна, додека Швајцарија и Луксембург играат од 20 часот. На 1 јуни, пак, во истиот термин (20 часот) Македонија игра со Швајцарија во последното коло од првиот турнир.