Машкиот А национален тим денеска патува за Марибор, каде викендов ќе одигра пријателски двомеч со репрезентацијата на Хрватска како дел од подготовките за настапот во ЦЕВ Европската Златна лига.
По една седмица напорна работа во Струмица, селекторот Јошко Миленкоски е задоволен од она што е досега реализирано, но потребно е да се крене натпреварувачката форма, а контролните натпревари со Хрватска ќе имаат таква цел.
„Периодот е краток, но одработивме веќе 13-тина тренинзи, а веќе почнавме и со одредени тактички варијатни во нашите замисли имаме и одработени видео-презентации. Сè оди во најдобар ред! Она што посебно радува е самата атмосфера, мотивираноста и залагањето на сите играчи и тоа ветува нешто добро. Натпреварите со Хрватска кои ги играме викендов, се подготвителни и јасно е дека ние сме далеку од потребната форма. Некои од играчите имаа долго отсуство од одбојкарските терени затоа што завршија многу рано со нивните обврски во клубовите. Се обидуваме за краток временски период нешто да подобриме во нашата игра и да ги вратиме во потребната форма. Натпреварите со Хрватска ќе имаат таква задача, што побрзо да влеземе во ритам и да бидеме подготвени за почетокот на Европската лига. Првиот турнир во Европската лига можеби нема да бидеме во максималната форма, но како ќе минува времето треба да бидеме што подобри и подобри. На последниот турнир во Струмица треба да бидеме најподготвени за да постигнеме и некој резултат“, вели селекторот Јошко Миленкоски.
Селекторот на располагање ќе има 15 репрезентативци, со екипата единствено не отпатува средниот блокер Филип Маџунков, кој чека операција на десното колено.
Делегацијата со авион патува до Љубљана, а потоа со автобус до Марибор, каде викендов се играат пријателските натпревари со Хрватите. Натпреварите ќе се играат во „Драш спорт“ центарот во Марибор, в сабота од 18 часот, односно в недела од 17 часот.