АЕК од петокот е во Скопје. Грчкиот тим знае што точно го чека вечерва (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“, има негатива од четири гола и полни трибини. Иако овој пат се во тешка ситуација, сепак сите во тимот веруваат дека можат да одиграат многу подобро во второто финале и да дојдат до пехарот во ЕХФ Европскиот Куп.
Исто како Алкалоид цела недела ја посветиле на анализа и подготовка за овој меч.
„Имавме многу добра недела на тренинзите. Едвај чекаме да дадеме сè од себе, да играме подобро од првиот натпревар. Ќе направиме сè за да го освоиме трофејот“, порака Марио Матиќ за aek.gr.
АЕК ќе има свои фанови на трибините, се очекува нивната бројка да биде околу стотина. Од таборот на Алкалоид испратија порака до македонските навивачи да не потпаднат на провокации, спортски да ги бодрат ракометарите, бидејќи противникот ќе чека грешка токму од нив.