Да. Срцето на Башкими посилно од силата на Беса. Беса – Башкими 0:2 е епилогот од денешниот бараж меч во Кавадарци за пополнување на ПМФЛ за следната сезона. Тоа значи дека Куманово како град по подолго време доби прволигаш, а Беса предводена од тренерот Горазд Михаилов испадна од елитата.
Во секој случај сензација во Кавадарци ако се знае дека Беса заврши како 10-та во ПМФЛ и како таква влезе во баражот, како апсолутен фаворит, додека Башкими како третопласиран во ВМФЛ дојде во Кавадарци на овој бараж.
Сепак Башкими одигра маестрален меч, одигра храбро, со срце и со головите на Саити во 37.минута и на Алексовски во 80. дојде до голема победа за еуфорија на своите фанови кои денеска во Кавадарци беа во голем број и буквално во текот на целиот меч здушно ги бодреа своите фудбалери.
Беса одигра очајно, одигра најслабо кога требаше да биде најдобра и затоа следната сезона ќе игра во ВМФЛ.
Па така во следната 2025/26 сезона во ПМФЛ ќе играат екипите на Шкендија, Силекс, Работнички, Струга ТЛ, Вардар, Пелистер, Шкупи, Тиквеш, Брера, Македонија ЃП, Арсими и Башкими.