Алкалоид ситно брои до мечот за историја. Македонскиот тим вечерва (20:30 часот) го игра реванш финалниот натпревар во ЕХФ Европскиот Куп против АЕК. Пред домашните навивачи во СЦ „Борис Трајковски“, Кирил Лазаров и неговите момци ќе влезат со четири гола позитива. Иако вака на хартија изгледаат многу, сепак сите се претпазливи. Свесни се дека без максимална битка не може да се стигне до пехарот во ова натпреварување.
Клучно за момците на Алкалоид е да бидат свои, да го негуваат својот стил на игра и на крилата на фановите и фер поддршката да дојдат до победа за историја.
„Среќни сме поради нашата игра и големата победа во Атина, но знаеме дека ништо не е готово, тоа беше само прво полувреме и ни претстојат уште 60 минути. Имавме можност да го видиме противникот на дело, во изминатата седмица напорно работевме и максимално подготвени ќе го дочекаме овој реванш. Знаеме каков предизвик е пред нас, сите сакаме да го кренеме пехарот, ќе имаме полна сала за поддршка и ќе сториме се за да ги израдуваме нашите верни навивачи. Треба да одиграме онака како што знаеме, ако го сториме тоа верувам дека ќе стигнеме до посакуваниот резултат и на крајот ќе славиме“, истакна Иван Џонов, еден од многуте македонски репрезентативци во таборот на Алкалоид.
Оние кои нема да дојдат во сала мечот ќе може да го гледаат на МРТ 1 и МРТ 3.