Сосема нормално, откако денешниот втор меч од финалето во Европскиот куп помеѓу Алкалоид и АЕК од Атина не се одигра, со соопштение излезе и кровната ракометна европска куќа, ЕХФ.
Причините поради кои овој меч не се одигра, барем ние кои што го следевме мечот, ги видовме и во живо. Гостите од Атина не излегоа на терен поради наводните закани кои што ги имаа од нивните навивачи, кои пак пристигнаа во Скопје во преголема бројка и нормално не беа пуштени да влезат во салата Борис Трајковски. Она што навидум се гледа како навивачки бунт, а потоа стихијна реакција со заканите кон клубот, многу веројатно е добро исценирано сценарио на АЕК кое веќе еднаш сезонава пројде. На двомечот со Партизан, кога грците не одиграа дуел во Србија, па истиот се преигруваше во Бугарија.
Е сега, на сето ова мораше да реагира и реагираше ЕХФ. Но како? За нас зачудувачки со кусо соопштение дека мечот е одложен поради безбедносни причини. Кој беше загрозен? Кому не му беше гарантирана безбедност од присутните? Напротив, делегатот на мечот, со конкретна изјава на терен потврдил дека мечот е перфектно организиран и дека нема никакви пречки истиот да не се одигра. Сепак, ЕХФ познат по вакви контроверзни и на никому логични одлуки барем вечерва се реши на вакво нешто. Што ќе следува во вторник за кога е најавена одлуката што и како понатаму со ова финале останува да видиме.
Пропозициите се јасни, АЕК нема што повеќе да бара во овој дуел
Во вакви ситуации, логично е да се проучат пропозицитиите и правилата според кои се води самиот ЕХФ.
А тие велат следново. Доколку еден тим одбие да настапи, другата страна го добива мечот со службени 10:0. Поради фактот што се работи за финале, оној тим на кој што му е доделен мечот со службен резултат, автоматски ја добива и титулата. Тимот што одбил да настапи автоматски добива казна од 35.000 евра и суспензија за настап е исто така можна, како и дополнителни парични казни.