Кирил Лазаров и неговите момци вечерва (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ пред полни трибини го пречекуваат АЕК во вториот финален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп. Алкалоид има четири гола предност и одлична шанса да испише историја.
Со оглед на тоа дека за овој дуел се најавени околу 100-на грчки навивачи, Лазаров испрати апел до фановите предупредувајќи дека не треба да паднат на провокација и во овој момент не е време за политика. Секое спротивно сценарио ќе биде победничко за АЕК, а не за македонскиот тим, тоа го видовме на дуелот меѓу Партизан и грчкиот тим.
„Позитивен сум, верувам во екипата и ќе пробаме да сториме се. Треба да бидеме спремни на секакви провокации, ќе имаме гостински навивачи. Мора да навиваме спортски да ја оставиме политиката на страна, нашиот одговор треба да биде освојување на титулата, не треба да подлегнуваме на провокации и слични политички работи. Треба да навиваме како што знаеме, најдобри сме во тоа во светот, имаме одлични навивачи кои ја сакаат Македонија, а ние фала богу во ростерот имаме 19 Македонци“, е пораката Лазаров пред мечот за МРТ.
Како и секогаш Кире е претпазлив токму поради менталитетот на македонските играчи, а во неговиот состав ги има 19.
„Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, тоа што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот.
Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци… но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме… како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено (говорам за финалиња од ЛШ), мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека ќе го дадат најдоброто од нив“, рече на прес-конференција тренерот на Алкалоид.