АЕК го чека „пекол“ во Скопје, хероите на Алкалоид на 60 минути до големиот пехар!

487

Екипата на Алкалоид е на 60. минути до пехарот во ЕХФ Европскиот Куп. Вечерва (20:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“, Кирил Лазаров и неговите момци можат да испишат клупска и историја за македонскиот ракомет. Алкалоид може да стане првиот македонски тим кој освоил пехар во ова натпреварување, втор кој после Кометал Ѓ.П (2002 година) го направил во Скопје.

На патот кон ова големо достигнување стои АЕК. Алкалоид е во пол-позиција, има четири гола предност од првото финале (25-29) и полни трибини. Нема да биде лесно иако се чини така, грчкиот тим има поискусен состав од македонскиот тим. Но, играта која момците на Лазаров ја прикажаа во Атина, им дава право на сите да веруваат дека оваа европска бајка ќе заврши со едно сценарио – пехар, кој ќе биде повеќе од заслужен.

Можеби во текот на целата сезона постојано повторуваме, но има и зошто. Алкалоид на крилата на млади играчи и само двајца странци, кои немаат главна улога на теренот, цврсто чекореше по европскиот пат. Децата на Лазаров за сите противници на теренот изгледаа големи. Немаа многу време да созреат, искуството го собираа на секој меч, а како лидер го имаат најдобриот ракометар на сите времиња, кој добро знае како е да се играат вакви натпревари. Ја знае убавината, ја знае и горчината. Пред финалните мечеви и самиот потенцираше дека постојано работат со сите ракометари на психолошкиот дел, бидејќи никој нема искуство за вакви натпревари. Кире знае е колку е тешко да се стигне на 60 минути до европски пехар.

На сите играчи им е јасно дека можеби ова ќе биде нивната единствена шанса не само да играат европско финале, туки и истото да го освојат. Ова битка која мора да ја добијат, за себе, за клубот, за сите оние кои безрезервно од самиот старт веруваа во нив, им подадоа рака пружејќи им уникатна шанса – да бидат лидери на теренот, во ниту еден момент да не бидат потиснати од плејада на странски имиња.

Секој на свој начин придонесе сезонава да биде изненадувачки добра.  На патот до битката за пехарот стоеја Драгунас Клаипеда,  Вест Виена, Бриксен, Баја Маре и Рунар. Тимот од Алкалоид, сметајќи го првиот финален меч против АЕК има запишано девет победи, реми и само еден пораз, кој беше безболен бидејќи се пласираше во финалето.

Па затоа 25. мај нека биде запаметен по едно – како едно млади момци Македонци ја испишаа најубавата бајка и стигнаа до својот прв европски пехар во својата четиригодишна историја од фомирањето.

ПретходноМинесота им го нанесе најтешкиот пораз на Тандерс оваа сезона (ВИДЕО)
СледноБобан Илиоски ја одбрани светската кик бокс титула!