За жал македонската публика не можеше да ужива во едно европско финале. Синоќа требаше да биде празник на ракометот, Алкалоид беше на 60. минути до историја, пред вториот финален меч со АЕК имаше предност од четири гола, но мечот не се одигра. Причината веќе е позната, гостите одбија да излезат на терен поради заканите од нивните навивачи.
Додека се чека конечната одлуката од страна на ЕХФ за овој натпревар, Алкалоид денеска излезе со соопштение за навивачите кои синоќа дојдоа да го поддржат тимот на патот до историја.
„Почитувана публико,
Уште еднаш ја изразуваме нашата БЛАГОДАРНОСТ што ни дадовте безрезервна поддршка и што во голем број дојдовте во СЦ „Борис Трајковски“ на финалниот меч од Европската лига на ЕХФ. Жалиме што натпреварот не се одигра затоа што гостинскиот состав не сакаше да излезе на теренот и спортски да се бори за пехарот од ова натпреварување.
Вашите билети купени онлајн ќе бидат рефундирани во период од 15 работни дена. Средствата ќе ги добиете директно на вашата сметка преку која сте ги купиле билетите. Билетите што се купени од продажно место ќе можат да бидат рефундирани од местото на купување со приложување на соодветната фискална сметка и на билетот.
Уште еднаш ви се заблагодаруваме за континуираната поддршка и трпение. Се надеваме дека заедно ќе славиме нови успеси во иднина.
Со почит,
Ракометен клуб Алкалоид“, се вели во соопштението на Алкалоид.