✍ Марија Ковачева
Европската ракометна федерација овие денови ќе го разгледува случајот Алкалоид и АЕК, поточно сите детали поради кои во Скопје не се одигра вториот финален натпревар во рамките на ЕХФ Европскиот Куп.
Иако ситуацијата е кристално јасна од ЕХФ после мечот излегоа со најбизарното соопштение, мечот е одложен поради безбедносни причини. Се прашуваме какви се тие безбедносни причини, зар некој во салата, особено од таборот на АЕК се најде во животно загрозувачка ситуација? Одговорот е едноставен: НЕ.
Е сега ако ЕХФ мисли на животот на ракометарите на АЕК, кои добија закани од своите навивачи дека ќе бидат тепани кога ќе се вратат во Атина ако излезат на теренот, во тој случај БЕЗБЕДНОСНИТЕ ПРИЧИНИ на ЕХФ добиваат логика. Но, сето ова нема ништо со спортот.
Колку и да сакаат од ЕХФ да бидат политичари во целиот хаос за кој е виновен гостинскиот тим, одлуката треба да оди во една насока: Време е АЕК да се избрише од европската ракометна карта. Овој тим, вторпат оваа сезона го прави истото. Против Партизан успеа да изрежира сценарио и да се повлече од теренот, користејќи го прекинот во Белград, се со цел да ги натера ЕХФ да го презакаже мечот на неутрален терен и да излезат како победници. Тоа им успеа.
Иако бевме свесни дека Грците во Скопје доаѓаат со план за создавање на хаос, сепак и самите се изненадивме бидејќи се случи пред почеток на мечот. Сценариото се „коваше“ пред хотелот, пред играчите да пристигнат во сала. На Грците им падна тешко дека беа одбиени од ЕХФ во обидот да имаат 500 навивачи на трибините во СЦ „Борис Трајковски“, па полека преку соопштение, пред натпреварот, суптилно ги најавија своите неспортски планови.
На играчите на АЕК им се плачеше бидејќи нема да го играат вториот финален меч, а со тоа и дека не им бега службен пораз. Но, кој ги прашува нив, во преден план се навивачите.
Според пропозициите, АЕК треба да биде суспендиран, парично казнет и секако без шанса да го игра вториот финален натпревар, а пехарот да отиде во рацете на Алкалоид.
ЕХФ не смее да дозволи некој да си поигрува ниту со правилата и пропозициите кои се донесе и изгласани од нивната страна, а уште помалку со 6.000 фанови кои синоќа дојдоа да прирадат уште еден ракометен празник.
Освен службена победа за Алкалоид сето останато ќе биде погубно за европскиот ракомет.