МЗТ Скопје е на чекор до нова титула. Актуелниот шампион на Македонија, вечерва во својата сала “Јане Сандански“ успеа да слави во вториот меч од финалната серија за титулата против ТФТ со 87-82.
Ако се знае дека првакот во оваа серија, во овој 33-шампионат, се добива во три добиени тогаш јасно е дека тимот од Аеродром е на чекор до ново славје со оглед на тоа дека сега има 2:0 во серијата, иако треба да се потенцира дека на следните два меча домаќин ќе биде составот на ТФТ.
Се виде дека објективно ако сакаш да го победиш МЗТ тогаш мора да одиграш квалитетно во текот на целиот меч, а не да имаш несфатлив пад во играта како ТФТ што имаше во третиот период.
Инаку гостите од Тафталиџе фуриозно го започна мечот со 0:4, во еден момент во првата четвртина домашнте дојдоа до 16-15 откако направија серија од 7-0, но сепак блескаше Браун кај ТФТ во овој период кој заврши со резултат 17-27 или +10 за ТФТ. На шампионот ништо не му одеше во тие моменти. Нешто подобро беше во втората четвртина за “металците“, но сепак ТФТ одржуваше предност, а на пауза се замина со резултат 39-42.
И тогаш во таа трета четвртина пресврт. МЗТ Скопје конечно покажа зошто е шампион, зошто посакува нова титула, и овој период го доби со +11 или 22-11.
Во последната четвртина гостите од Тафталиџе се обидоа да ја намалат разликата, која на моменти изнесуваше и +10 за МЗТ. ТФТ успеваше во тоа, но сепак се чини дека МЗТ ги контролираше настаните на теренот. Посебно кога на средината од последната чевртина домашните уште повеќе “притиснаа“, дојдоа +13, па и повеќе и тука го решија овој втор меч во финалната серија во битката за титулата.
За ТФТ остана утехата дека за разлика од првиот меч, вечерва покажаа дека сепак имаат квалитет во себе.
Третиот меч се игра во четврток, како што веќе нагласивме, ТФТ ќе биде домаќин.
Што се однесува до поентерите Едвин кај домашните реализираше 25 поени, на спротивната страна Браун исто така постигна 25 поени.