Женската сениорска репрезентација од 30 мај до 1 јуни во спортската сала „Парк“ во Струмица, ќе биде домаќин на еден од трите турнири во првиот натпреварувачки викенд од годинешното издание во ЦЕВ Европската Сребрена лига.
На сениорките по вторпат во нивната историја им се дава шанса да бидат дел од ова натпреварување, а тимот на селекторот Стефан Пауновиќ од првиот ден даде до знаење дека е подготвен да ја оправда шансата која му ја дава Федерацијата.
Екипата растеше заедно изминативе неколку години и сите веруваат дека сега е вистинското време за убави нешта – односно победа, која долги години ја чека женскиот А национален тим.
Вратите на салата „Парк“ ќе бидат широко отворени за сите љубители на одбојката, а девојките потенцираат дека поддршката ќе им биде и тоа како неопходна за да ја исполнат посакуваната цел.
„Оваа година искрено очекувам да постигнеме високи резултати. Мислам дека, конечно, и ќе победиме на некој натпревар. Противниците не се многу лесни, но може да им парираме. Многу сме поподготвени од претходните години, имаме и девојки кои играат и во странство и се интернационалки. Мислам дека ќе бидеме супер оваа година“, позитивно е расположена Ана Павлоска, средниот блокер на екипата и додава „Очекувам многу публика, да дојдат, да нè поддржат, бидејќи во ова издание публиката треба да биде нашиот седми играч.“
Македонија турнирот го отвора на 30 мај (петок) од 20 часот, кога се соочува со Луксембург. На 31 мај нашите одбојкарки се слободни, додека Луксембург игра со Швајцарија од 20 часот. На последниот ден од турнирот, 1 јуни, во истиот термин, Македонија ја пречекува Швајцарија.
Натпреварите од првиот турнир од ЦЕВ Европската Сребрена лига во женска конкуренција ќе имаат и директен телевизиски пренос на националниот сервис.