И дефинитивно Бесарт Ибраими е чудо. Со полни 38 години, искусниот напаѓач е убедливо најдобриот фудбалер во ПМФЛ. И не само што е најдобар стрелец, по којзнае кој пат, овојпат ја подели титулата со Марко Ѓорѓиевски од Силекс, туку е и најдобар играч во 2024/25 сезоната во нашата елитна лига која заврши со триумф на Шкендија. Ова е трета титула за Бесарт во низа, претходно две со Струга ТЛ, а има и уште три со Шкендија и една со Ренова, вкупно седум. Вели дека ќе игра уште една сезона и толку ќе биде. Засега застана на бројката од 217 голови во ПМФЛ, веројатно следната сезона ќе бидат и повеќе.
Што и да се каже за Бесарт “бомбардерот“ нема да се погреши, па затоа според „СпортСпорт“ токму тој е играчот на сезоната 2024/25 во ПМФЛ.
И Шкендија треба да му се заблагодари, ако не беше тој тогаш тетовци тешко дека ќе стигнеа до тронот.
Покрај Ибраими во тимот на сезоната според “СпортСпорт“ се и Џеков, Додев и Марко Ѓорѓиевски (Силекс), Матиќ, Закариќ и Мато (Вардар), Рашид и Регба (Работнички), Мартин Ѓоргиевски (Брера) и Цаке (Шкендија).
ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА
БЕСАРТ ИБРАИМИ
Тим: Шкендија
Роден: 17.12.1986 во Кичево
Кариера: Влазерими, Напредок, Ренова, Шалке, Севастопол, Таврија, Металург Запорожје, Енозис, Ермис, Шкендија, Ксанти, Струга ТЛ, Шкендија
ФОТО: КФ Шкендија/ФБ