Директорите на Работнички најавуваат успешно лето: Имаме свој модул на работа, Европа е нашиот следен предизвик

504
фото: ФК Работнички (Facebook)

Работнички имаше одлична сезона во домашниот фудбалски шампионат и по седум години повторно ќе игра во Европа. „Романтичарите“ велат дека веќе времето за прослава помина, па сега е време за подготовка за европскиот предизвик.

„Мораме да бидеме задоволни од резултатите и би сакал уште еднаш јавно да им честитам на фудбалерите и стручниот штаб предводен од Горан Станиќ. Успехот е уште поголем ако се знае дека го остваривме со млади фудбалери, кои се проозвод на академијата на клубот, а во зимскиот преоден рок направивме и два трансфери, Али Регба во Марибор и Атдхе Мазари во Вараждин. Доколку останеа, сигурно ќе бевме уште поконкурентни во трката за шампионската титула. Сепак, ФК Работнички има свој модул на работа, да форсира млади и талентирани фудбалери и секоја сезона да реализира трансфери во странство. И нема да отстапиме од тоа, напротив, веруваме дека ова е само почеток на една нова успешна ера на клубот. Продолжуваме со напорна и студиозна работа, со реализацијата на нашиот стил, промоција на млади фудбалери и нивно пласирање во европските клубови“, изјавил извршниот директор на клубот, Џан Озата.

Тој верува дека Работнички успешно ќе се претстави и во Европа.

„Нѐ очекуваат нови предизвици, настап во квалификациите за Конференциска лига и ќе го дадеме максимумот за да оствариме нови успеси“, дополнува извршниот директор Џан Озата.

Третото место е огромен успех, а ФК Работнички тоа успеа да го реализира на свој специфичен начин. Спортскиот директор Сенад Муминовиќ успеа да селектира одлични засилувања, да изгради тим кој со ограничени средства донесе неограничени можности.

„Работнички по седум години повторно ќе игра во Европа. Тоа доволно зборува за успехот што го остваривме изминатава сезона. Можеби можевме и повеќе, но е апсолутно повеќе од тоа што целата јавност го очекуваше пред почетокот на сезоната. Сепак, кога се работи студиозно и кога секое евро ќе биде вложено на вистински начин во фудбалери за кои знаете колку можат, тогаш резултатите доаѓаат. Потребна е визија, потребна е верба дека верувате во тоа што го работите. Би сакал тука да се заблагодарам и на сите останати луѓе во клубот, од претседателот, преку генералниот секретар, фудбалерите и стручниот штаб, па сѐ до економот, и навивачите. Работнички функционира како едно големо семејство и тоа е веројатно најголемата сила на клубот. По природа секогаш сум оптимист и верувам дека ова е само првиот чекор кон она што допрва ни претстои и ФК Работнички ќе успее да го реализира. Следната цел ни е успешна презентација во Европа, но многу брзо ќе почне и следната сезона. Фудбалот е јавна работа, апсолутно во секој момент е видливо, кој, како и колку одработил, а единствено мерило се резултатите. Во наредните денови нѐ очекува многу работа, замина тренерот Горан Станиќ кој се нафати на професионален селекторски предизвик со Македонија У21, би сакал да му се заблагодарам посебно за сѐ што направивме заедно, а ние мораме да го поставиме неговиот наследник, со кој ќе продолжиме да ја развиваме визијата на клубот. Да, ќе има и засилувања, ќе има промени и во играчкиот кадар, сѐ со цел Работнички да биде уште посилен следната сезона. И не се сомневам во тоа, затоа што имаме одлична академија, нашите младинци се шампиони на Македонија, ја имаме базата и сите ќе ја добијат својата шанса“, вели спортскиот директор Сенад Муминовиќ.

ПретходноТаре преговара со Тиаго Мота и Винченцо Италијано за нов тренер на Милан
СледноПо ждрепката во ФФМ: И Осогово и Г.Коњари се второлигаши, Преспа немаше среќа