Одбојкарките утре против Луксембург ја отвораат Сребрената лига 2025

166

Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија утре и официјално ги започнува настапите во новото издание на Европската Сребрена лига. На првиот турнир кој ќе се одржи во Струмица, избраничките на селекторот Пауновиќ утре од 20 часот ќе се сретнат со селекцијата на Луксембург, која за нас е комплетна непознаница.

Сепак, со оглед на тоа што ние пред две години за првпат бевме дел од ова натпреварување, сега имаме искуство повеќе и квалитет да ги очекуваме и првите подобри резултати. Пред два години оваа селекција не успеа да освои ниту сет во шесте одиграни дуели со Австрија, Летонија и Естонија, но затоа оваа сезона низ дуелите со Луксембург утре и против Швајцарија два дена подоцна, ќе се обидеме да дојдеме и до првите бодови.

Луксембург минатата година играше во истото ова натпреварување и успеа во шест одиграни натпревари да оствари две победи, што јасно покажува дека се работи за селекција која има сосема солиден квалитет. Минатата година во Сребрената лига, одбојкарките на Луксембург беа подобри од Исланд со 3:2 и од Фарските Острови со 3:0. Репрезентацијата е спој домашни одбојкарки и интернационалки, против кој Македонија ќе се обиде да ја оствари првата победа.

Средбата утре ќе се одигра во салата „Парк“ во Струмица, а судии на мечот ќе бидат Аврамидис од Грција и Денери од Турција.

ПретходноДенот кога Панчев и Најдовски станаа европски шампиони (ВИДЕО)
СледноМилевски прозива за Белгија и Казахстан