Оклахома Сити Тандер е првиот финалист во НБА плејофот откако ја победи Минесота со 124-94 во петтиот натпревар од финалето на Западната конференција.
Оклахома ја доби серијата со вкупен резултат од 4-1, а плејмејкерот на Тандер, Шеј Гилџес-Александер, беше прогласен и за најкорисен играч (MВП) во финалето на Западната конференција, откако имаше просек од 31,4 поени, 8,2 асистенции и 5,2 скока во серијата.
Шеј ја предводеше Оклахома Сити и во петтиот натпревар со 34 поени, осум асистенции и седум скока. Чет Холмгрен додаде 22 поени, а Џејлен Вилијамс имаше 19 поени.
Џулиус Рендл беше најефикасен кај Минесота со 24 поени.
Ова е прво појавување на Оклахома Сити во финалето на НБА од 2012 година, кога загубија од Мајами со 4-1 во серијата. За противник во големото финале, Тандерс чекаат на победникот од дуелот меѓу Индијана и Њујорк, во кој Пејсерс водат со 3-1, во финалето на Истокот.