Фудбалерите на Реал Мадрид, Килијан Мбапе и Орелиен Чуамени, нема да се појават на тренинг кампот на француската репрезентација овој петок (30 мај). „Петлите“ почнуваат да се подготвуваат за учеството во финалната четворка на Лигата на нации, каде што ќе се соочат со Шпанија во полуфиналето на 5 јуни во Штутгарт.
Сепак, Реал Мадрид инсистира на почитување на официјалниот датум и двајцата играчи нема да бидат достапни за тренерот Дидие Дешам до понеделник (2 јуни), односно три дена пред натпреварот со европскиот шампион Шпанија.
Од очигледни причини, на францускиот тим во понеделник ќе му се придружат репрезентативците на Интер и Пари Сен Жермен, кои ќе играат во финалето на Лигата на шампионите во сабота.
Од друга страна, дефанзивецот на Челзи, Мало Густо, кој беше стартер во финалето против Бетис во Конференциската лига (4:1), веднаш се приклучува на остатокот од тимот на Дидие Дешам.