Кошаркарите на ТФТ вечерва (19:30 ч. СРЦ Кале) го пречекуваат шампионот МЗТ Скопје А. во третиот натпревар од финалето на плеј-офот. Актуелниот првак влегува со предност од 2-0, по убедливите победи во првите два меча (67-49 и 87-82) во „Јане Сандански“.
За ТФТ, ова е историски момент – прво финале во клупската историја, но пред нив е тешка задача да најдат начин како да го запрат фаворизираниот противник, кој цврсто чекори кон нов шампионски пехар. МЗТ покажа доминација во досегашниот тек на серијата и ќе биде многу тешко да се спречи и во овој трет меч.
Во вториот меч, ТФТ пружи солиден отпор, предводен од Браун со 25 поени, но падот во третиот период беше клучен за поразот. Домаќините вечерва ќе се обидат да ја искористат поддршката од своите навивачи и да ја продолжат серијата.
Од друга страна, МЗТ Скопје, предводен од тренерот Васко Атанасов, е на чекор до нова титула. „Металците“ се решени да ја завршат работата уште вечерва и да дојдат до 12-тата титула во последните 13 сезони.