ТФТ не се предаде, го совлада МЗТ Скопје после голема драма со 63-58 и намали на 2-1 во плеј-оф финалето. Тимот од Тафталиџе сосема заслужено се радуваше ако се земе во предвид на водството од 20 поени во втората четвртина, и кам-бекот во последниот период. Избраниците на Боро Смилковски успеаја да ја прекинат серијата на МЗТ Скопје до титула без пораз во последните две години, но и да испишат историја, прва победа во финале.
МЗТ Скопје вечерва го видовме во едно од најочајните изданија, буквално освен тие минути на кам-бек, сето останато беше бледо издание. Во последната четвртина до пред звукот на сирената имаше постигнато само четири поени.
Сосема неочекувано прво полувреме за МЗТ Скопје. ТФТ имаше моќен старт до пред шестата минута на семафорот стоеја 14-1 за домаќинот, единствениот поен за гостите го постигна Едвин од линијата за слободни фрлања. После првата четвртина резултатот беше 21-10, додека на одморот резултатот беше 42-23. Кошаркарите на ТФТ во овој период имаа и водство од 20 поени (39-19).
Сепак МЗТ Скопје во третата четвртина покажа зошто е бранител на тронот, приреди неверојатен пресврт, на теренот излезе друг тим, поточно оној кој го гледавме во изминатиот период. Третата четвртина МЗТ Скопје ја доби со 10-29 за 52-52 пред стартот на последните решавачки десет минути. Избраниците на Васко Атанасов првото водство го запиша во 29-та минута, Магдевски погоди тројка.
Во последната четвртина не видовме квалитетна битка, во шест минути беа постигнати само четири поени за минимални 52-56 за МЗТ Скопје. Драмата продолжи, иако ТФТ остана без Браун, успеа да направи серија од 11-0 дојде до водство од 63-56. До овој момент „сино-белите“ имаа постигнато само четири поени. Во важните моменти направија две неспортски лични грешки, не најдоа начин како да се исправат пред овој предизвик.
Браун со 20 поени беше прв стрелец, зад него беше Ташовски кој во решавачките моменти постигна важни поени, на крајот броеше до 17. Кај МЗТ Скопје, Едвин имаше 19 поени, Маслинко 12.