✍ Марија Ковачева
Кошарката од година во година тоне, ли тоне. Еден од некогаш најтрактивните спортови во нашата држава стана предмет за потсмев, а кулминацијата се случи синоќа после третата финална пресметка меѓу ТФТ и МЗТ Скопје во рамките на плеј-офот.
Ако некој не гледал ниту еден меч цела сезона, посебно последната финална средба во Кале, според резултатот во серијата (2-1 за актуелниот првак) ќе добие погрешна слика.
Финалето меѓу МЗТ Скопје и ТФТ во Кале требаше да биде круна на сезоната, празник за кошарката. Наместо тоа, добивме срамна слика. Со еден збор – МИЗЕРИЈА. Да, кошарката ни е МИЗЕРИЈА.
Немаше ниту еден кошаркарки елемент. Бледа игра, без аткрактивни потези, без квалитет и со очајна реализација…Во овој момент малскиот баскет дефинитивно е поквалитетен од финалето.
Тимот кој е бранител на титула постигна само четири поени во речиси 9:57 минути. МЗТ Скопје вчера постигна три тројки од 24 обиди, на другата страна ТФТ за два поени имаше реализација 35% или 13/37.
Наместо жестока битка со многу поени, во последната четвртина видовме бркотница на теренот од која може само да ти се заврти умот – ништо повеќе.
Велиме тимот од МЗТ Скопје доминира во последните години. Но, против кого? Ако тимот од Аеродром веќе не го има истиот сајај како некогаш, тогаш што да се каже за останатите екипи.
Нивото на прволигашкиот елитен баскет е на селски спорт. Уште поголема трагедија е што сите сонуваат за големи работи. Замислете, и едните и другите имаат амбиции за АБА-лига, другите се „тепаат“ за второлигашката јадранска конкуренција, а трети се радуваат што останале или допрва влегле во Прва лига. Траги-комедија.
Синоќа истовремено се играше полуфиналето во АБА-лига. Дубаи – Партизан и Црвена Звезда – Будуќност. Прво на памет ми падна дека во АБА-лига може да има и македонски тим.
Тоа би било хорор сцена. Па затоа сонот за АБА лига нека остане само сон. Додека ние тонеме, другите одат напред. Додека надвор градеа низ годините, ние рушевме. Тие вложуваат, ние броиме колку странци ќе дојдат да „помогнат“ и каков ваучер ќе добиеме.
Кај нас е важно да се учествува, да се продаваат празни муабети и секако да се ангажираат што повеќе странци во текот на годината: имаат мускули и фрлаат топки, доволно за очајната македонска лига.
Подобро е да се молчиме и да се затвориме, кошарката во овој момент мора да се игра далеку од очите на јавноста надвор од нашите граници.
Зошто? Бидејќи немаат што да понуди. Имаме репрезентативци кои играат во домашните тимови и повторно кошарката ни е на ужасно очајно ниво. Токму тие кои треба да се борат за националниот дрес се претопуваат во сивилото.
Каде се изгуби убавината на овој спорт? Како ги испуштивме конците? Како се дозволи да се допре дното? Како клубовите престанаа да градат и почитуваат вистински вредности?
Време е некој гласно да го каже тоа што сите го мислат: македонската кошарка е во криза каква што никогаш не сме виделе. И ако не се разбудиме веднаш, ќе ја изгубиме засекогаш.
Заслужуваме повеќе. Но нема да го добиеме, додека не признаеме колку сме паднале.