Македонската кошаркарска федерација е подготвена да помогне во развојот и зајакнување на кошарката во колички во нашата земја
Денеска во просториите на Македонската кошаркарска федерација беше одржан работен состанок со претставници на кошаркарскиот клуб во колички Хопе Спорт од Скопје и нивните партнери-помагатели во реализација на планираните активности.
Горан Спасов, играч и претседател на Хопе Спорт, и член на УО Мобилност од Скопје, заедно со Дејан Ѓорѓиевски, играч и член на УО на ККК Хопе Спорт, пред присутните, потпреседателот Младен Ѓуроски и генералниот секретар Томче Стојчевски, проф. Др Борче Даскаловски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје од Скопје, го презентираа развојот на кошарката во колички во Македонија, додека пак, присутните гости од соседна Србија, проф. Др Миодраг Коциќ, од Факултетот за спорт и физичкко образование на универзитетот во Ниш, и член на УО на Кошаркарскиот сојуз на Србија, и неговиот колега проф. Др Марко Александровиќ, од Факултетот за спорт и физичко воспитување при Универзитетот во Ниш направија презентација на можностите за соработка на нашата федерација со ККК Хопе Спорт.
Во исто време предложија и институализација на кошарката во колички со нашата федерација, преку своевидна меѓународна интеграција и соработка.
„Ве уверувам дека ние, како ново раководство на федерацијата сме апсолутно подготвени да излеземе во пресрет на вашите барања кои се поврзани со зајакнување на можностите за кошарката во колички во нашата земја. Кога го гледаме нашето кошаркарско опкружување, едноставно не сакаме да го ‘испуштиме возот’, како што тоа, на пример, беше во случајот со проектите поврзани со ‘3Х3’. Ќе ги ставиме на располагање потребните ресурси од страна на федерацијата, како салата во СРЦ „Кале“, нашиот проект-менаџер, преку оној судиско-делегатски кадар, се до изнаоѓање на решенија за пронаоѓање на спонзори кои би дале свој финансиски придонес во реализација на вашите планирани активности“ – им се обрати на присутните генералниот секретар Томче Стојчевски.
Потпреседателот Младен Ѓуроски порача дека ова нема да остане на зборови, туку дека во определен временски рок, сето ова ќе биде поставено на едно друго, повисоко ниво на функционирање и соработка, со конкретни потези од страна на раководниот тим на федерацијата.
Се со една заедничка цел, да заживее во вистинска смисла, кошарката во колички во Македонија, секако откако ќе се реализираат оние институционални потреби, како што е добивање на решение за дејност од страна на Министерството за спорт, и поставување на кошарката во колички како составен дел, односно во Статутот на Македонската кошаркарска федерација.