Како и секоја година, така и оваа. Едвај го чекаме крајот на мај или почетокот на јуни заради финалето во Лигата на Шампионите. Вечерва од 21 часот на „Алијанц Арената“ во Минхен за „ушлето“ ќе се борат гигантите ПСЖ и Интер. “Светците“ од Париз во своето второ финале ќе атакуваат по својот прв историски трофеј, додека за Интер ова ќе биде седмо финале во кое ќе се оди по четвртиот пехар.
Можеби, можеби тимот на Луис Енрике, кој има пехар со Барса во 2015, е во мала предност поради формата, поради се она што покажа оваа сезона. На ПСЖ му недостига уште овој пехар за да сезоната 2024/25 ја нарече совршена.
Интер пред еден месец беше во игра за триплета, но сега остана само да се надева на триумф во ЛШ и може да остане без ништо. Тимот на Симоне Инзаги на кого ова му е второ финале, има искуство, квалитет, покажа со Барса дека има и големо срце.
Сепак, традицијата вели дека кога се игра во Минхен, а вечерва ќе биде петто финале во овој баварски град, победува оној тим кој досега не освојувал пехар во ЛШ, како Нотингем Форест, Марсеј, Дортмунд, Челзи.
По ова тоа треба да биде ПСЖ, сепак да видиме дали навистина оваа традиција ќе продолжи.
Ова ќе биде и дуел меѓу две различни фудбалски филозофии. ПСЖ откако се ослободи од Меси, Нејмар и Мбапе, покажа дека во фудбалот до мега – успех може да се стигне и без мега – ѕвезди. Игра напаѓачки, сака да го има поседот, тој да се прашува.
Интер од друга страна е како тим кој знае и кога не блеска, да се “извлече“, да одигра строго на резултат, знае да победува кога најмалку се очекува од него.
Енрике и Инзаги и тоа како си ја знаат работата, имаат искуство од вакви финални мечеви и што е најважно за нив, немаат проблеми со повреди и суспензии, ќе можат да сметаат на најдобрите.
Вечерва можеби ќе победи и инаетот. Можеме само да претпоставиме како ли Насер Ал-Келаифи ќе му “спушти“ на Килијан Мбапе, а се знае зошто. Вечерва Инзаги треба да докаже дека е тренер од највисока класа, му недостига само овој трофеј.
Во случај на пораз Интер ќе има сезона без трофеј, што ќе биде катастрофа за најдобриот тим во Италија.
Вечерва и ПСЖ и Интер ќе бијат битка до истребување, битка за да се влезе во историјата.
ПСЖ или Интер, Енрике или Инзаги, Дембеле или Лаутаро?
Ќе видиме, а на нас ни останува само да уживаме во ова финале кое по многу нешта ќе биде посебно.
ФОТО: ФЦ ПСЖ/ФБ, ФЦ Интер/ФБ