„Тешкото допрва доаѓа, подготвени сме за предизвикот“!

343

Најдобрите македонски одбојкарки победнички влегоа во годинешното издание од Европската Сребрена лига по синоќешниот триумф над Луксембург со максимален резултат. Стартот беше според посакуваното, енергијата во екипата е одлична и сите се среќни поради историскиот успех.

По проспиена ноќ со измешани емоции, девојките денеска изразија задоволство од одлично завршената работа, но истовремено се мирни и скромни, нема „летање во облаци“. Една добиена битка, не значи добиена војна, а тие се доволно и паметни и искусни за да го знаат тоа.

Силната мотивираност, енергија и желба за успех која ја имавме од самиот старт на овој циклус, експлодираше уште на првиот дуел со Луксембург. Можеби некој ќе рече дека Луксембург е слаб ривал, но факт е дека ние нашето моравме и го одигравме на теренот. Гиневме една за друга, се надополнувавме со енергиите и испишавме историја која ќе се памети. Сакаме ова да биде само најава и прв чекор кон уште поголеми успеси“, вели Антонија Баталаковска.

Среќна сум што сум дел од оваа генерација. Се гордеам со триумфот со кој дадовме нов импулс на женската сениорска одбојка. Се што работевме изминативе години и кон што целевме, сега го реализираме. Не се опуштаме, ова е само старт, имаме уште многу за играње, многу за докажување. Тешкото допрва доаѓа, а ние сме подготвени за предизвикот“, потенцира Марија Василевска.

Многу ми мило и горда сум што нашата генерација го скрши мразот и направи историја. Ќе имаме за што да раскажуваме во иднина. Сплотени сме и дишеме како една и во теренот и надвор од него и верувам дека дел од тоа беше видливо и во синоќешниот меч. Одигравме колку што беше потребно за победа. Факт е дека бевме во грч со оглед на тоа дека беше прв натпревар за нас. Пред нас се уште пет натпревари во кои може да играме на уште повисоко ниво и да растеме заедно како екипа“, заклучува Ана Павлоска.

Посебно чувство е да се игра пред домашна публика и да се постигне победа, која ние ја очекувавме толку долго време. Верувајте во нас, ова е само почеток! Посериозен предизвик стои пред нас в недела и верувам дека нашите вистински квалитети ќе дојдат до израз на овој натпревар“, децидна е Ана Фасулева.

Македонските репрезентативки денеска имаат слободен ден, кој го посветуваат на одмор, анализа на швајцарците и подготовка за утрешниот натпревар со нив, од 20 часот, во салата „Парк“ во Струмица.

Денеска, во второто коло од 20 часот во СС „Парк“ играат Швајцарија и Луксембург.

ПретходноРеприза од лани: Вардар 1961 преку пенали до финале во Купот на Македонија
СледноЛазаров: Не сум разочаран, напротив, горд сум на целиот тим! Честитки до Вардар!