Индијана ќе игра финале во НБА после 25 години пауза (ВИДЕО)

323
Фото: Indiana Pacers @Pacers/X

Кошаркарите на Индијана Пејсерс го совладаа Њујорк Никс во шестата средба од финалето на Источната конференција со резултат 125:108, и така се пласираа во своето прво финале на НБА лигата од 2000 година. Во големото финале ќе се соочат со Оклахома Сити Тандер, која во финалето на Западната конференција ги елиминираше Минесота Тимбервулвс со вкупни 4:1 во серијата.

Пејсерс имаа водство во најголем дел од натпреварот, освен во дел од првата четвртина, и на крајот славеа со убедливи 17 поени разлика. Најефикасен во редовите на домаќините беше Паскал Сиакам, кој за 36 минути на паркетот постигна 31 поен (шут 10/18), додаде и 5 скокови и 3 асистенции.

Одлична партија одигра и Тајрис Халибартон, кој запиша 21 поен (шут 9/17), 6 скокови и 13 асистенции. Кај Њујорк Никс, Ануноуби беше најефикасен со 24 поени (10/18), 5 скокови и 3 асистенции, додека Карл-Ентони Таунс забележа 22 поени, 14 скокови и 2 асистенции.

Првиот натпревар од финалето против ОКС е закажан за 6 јуни во 2:30 часот. Ова ќе биде второ финале во историјата на Пејсерс, откако не успеаја да ја освојат титулата во 2000 година, губејќи од Лос Анџелес Лејкерс, кои победија во шест натпревари.

ПретходноНавивачите на ПСЖ палеа автомобили и се тепа со полицијата (ВИДЕО)
СледноИнзаги по потопот во финалето на ЛШ: Боли!