Фудбалерите на Пари Сен Жермен синоќа во Минхен постигнаа историска победа над Интер со убедливи 5:0 и за првпат во клупската историја ја освоија титулата шампиони на Европа.
Тренерот Луис Енрике дојде до својата втора титула од Лигата на шампиони, по онаа во 2015 година со Барселона. Со тоа стана седмиот тренер во историјата што ја освоил Лигата на шампиони со два различни клуба, и вториот што двапати ја освоил тројната круна, по Пеп Гвардиола.
Луис Енрике: Ќерка ми е тука, во моето срце
„Испишавме историја. Тоа ни беше цел уште од почетокот на минатата сезона. Време е за голема прослава и уживање во овој момент. Почувствував вистинска поврзаност со играчите и со навивачите. Ова е навистина прекрасен момент по една исклучителна сезона – и целосно заслужен.“
„Многу е тешко да се стигне до вакво финале. Мислам дека успеавме да го контролираме возбудувањето и притисокот на најдобар можен начин,“ изјави Енрике, па се осврна на неговата покојна ќерка Хана, која во 2019 година почина на деветгодишна возраст од остеосарком, редок облик на рак на коските:
„Секој ден од мојот живот мислам на ќерка ми, без разлика дали победуваме или губиме. Таа секогаш е со мене – тука, во моето срце.“
На новинарско прашање за Усман Дембеле, Енрике рече:
„Начинот на кој вечерва играше во одбрана… тоа само по себе вреди за Златна топка. Вака се предводи еден тим. Голови, титули, лидерство, одбрана, пресинг… Усман е мојата Златна топка. Без ни најмала дилема.“
Со оваа победа, ПСЖ оваа сезона ги освои сите четири натпреварувања во кои учествуваше:
-
Лига на шампиони
-
Француско првенство
-
Француски куп
-
Француски Суперкуп
55-годишниот Енрике се приклучи на Гвардиола како единствените двајца тренери кои двапати ја освоиле тројната круна – титула во Лигата на шампиони, националното првенство и купот. Гвардиола тоа го направи во 2009 и 2023, а Енрике во 2015 и 2025.