Гоце Георгиевски: Не чека уште потежок меч, играме пред нашите навивачи – сакаме да ја вратиме титулата!

1241

Охрид повторно се покажа како магичен за Вардар 1961. Во СЦ „Билјанини Извори“ ракометарите на најтрофејниот клуб го подигнаа 17. пехар во Купот на Македонија, откако во финалето го совладаа Пелистер со 31-27.

Вардарци заслужено се радуваа на оваа средба, одиграа класа во однос на својот противник, го имаа водството во текот на целиот меч.

Капитенот на тимот, Гоце Георгиевски после мечот потенцира дека тој и неговите соиграчи покажале зрелост, а добрата одбрана и расположениот голман беа пресудни.

„Тешко беше како секое финале, особено кога имате ривал како Пелистер. Одигравме максимално квалитетен натпревар, водевме во текот на сите шеесет минути и не им дадовме да се доближат. Покажавме зрелост во играта, мислам дека со Алкалоид имавме лош ден, а сега покажавме поинакво лице. Се боревме пред се во одбраната, имавме расположен голман, нападот добро функционираше и заслужено славевме. Вардар е убедливо најтрофеен клуб.

За шест дена не очекува уште еден исклучително тежок натпревар, можеби и потежок. Ја посакуваме титулата, играме пред домашните навивачи и се надевам ќе прикажеме добра игра и го вратиме пехарот“, изјави Георгиевски.

Овие два тима на 7 овој месец ќе ги вкрстат копјата за титулата.

ПретходноПауновиќ по очајниот настап против Швајцарија: Вака не смее и не може!
СледноЌе остане ли Постекоглу? Франк и Силва први кандидати за негов наследник