Прв пехар за Стоилов како тренер: Потешко е да си на клупа! Некогаш емоциите се посилни, не играме шах!

1923

Стојанче Стоилов, некогашниот капитен на Вардар 1961, човекот кој крена безброј пехари во „црвено-црниот“ дрес, меѓу кои и два во Лигата на шампиони, веќе втора година има нова улога. Тој чекори во тренерските води и заедно со Гиљермо Милано успеаја да вратат еден од двата пехари. Вардар 1961 синоќа го освои Купот на Македонија, стигна до 17. пехар на сметка на најголемиот ривал Пелистер.

За Стоилов, иконата на „црвено-црните“ ова е прв пехар како тренер. После финалето на кратко поразговаравме со него. Столе, кој во својата играчка кариера на теренот беше неуморен борец, сега веќе се привикнува на својата нова улога, која е покрај линијата.

Тој вели дека е потешко да се биде тренер отколку играч. Емоциите понекогаш победуваат, истите се обидува да ги пренасочи на вистински начин, иако е навистина тешко.

„Нормално, дека е потешко, друго е кога си на терен имаш каде да ја насочиш енергијата. На клупата мора да бидеш помирен. Но, некогаш излегуваат емоции, ова е ракомет, не играме шах. 

Ракометот е тензичен и динамичен спорт, па затоа велам дека некогаш е нормално да има тензија. Но, ние, Вардар и Пелистер надвор од теренот сме големи пријатели. Имаме здраво ривалство и многу ми е драго што е така“, ни изјави Стоилов.

Клучно за победата во Купот на Македонија е раното водство и поголемата ротација.

„Не можам да кажам дека доминиравме, имавме предност која ја стекнавме многу рано и ја одржвувавме во текот на целиот натпревар. Имаме и поголема ротација од нив“.

Го прашавме Столе како е да се освои првиот пехар како тренер и дали има разлика.

„Има секако, помирно е“, низ насмевка ни одговори Столе.

Вардар 1961 и Пелистер за пет дена треба да  одиграат уште еден натпревар, овој пат за шампионската титула, а истиот ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“.

ПретходноЈувентус нема опции, Тудор останува на кормилото и следната сезона
СледноКошаркарите до 20 години ги почнаа подготовките за ЕП во „Б – Дивизија“