Какво фијаско на Главчев: Маркетинг служба им го додели пехарот на МЗТ Скопје!

1971

Марија Ковачева

Пред некој ден напишав коментар колку ни е мизерна кошарката во Македонија, а вчера од „Кале“ стигна уште една потврда, ништо не сум погрешила.  

МЗТ Скопје ја освои 12-тата титула, откако во финалето на плеј-офот го победи ТФТ со конечни 3-1.

Шлагот на срамот се случи за време на доделувањето на медалите, индивидуалното признание и секако најважно, титулата.

На теренот во „Кале“ ниту еден од новото раководство на Кошаркарската федерација немаше доблест да се појави, а истото го сочинуваат: Претседателот Томица Главчев, неговиот заменик Младен Ѓуроски и генералниот секретар, Томче Стојчевски.

Во нивните први месеци од четиригодишниот мандат го запишаа најголемиот кикс. Не најдоа време (не знаеме од која причина) да ги испочитуваат оние кои цела сезона работеа за да стигнат до битката за титулата.

Наместо барем еден од нив, титулата ја предаде маркетинг службата во КФСМ. Да, личност која е задолжена за оваа функција во федерацијата. И сето ова ќе беше можеби одобрено доколку доле на теренот видовме барем еден од триото за подобро утре на овој спорт.

Од „Кале“ добивме слика на едно несериозно трио кое на почетокот, поточно за време на кампањата за смена на Перо Антиќ ветуваше дека ќе го подигне нивото на кошарката, а не дека уште на почетокот ќе го допре дното.

Кога веќе немаа доблест да се појават, а ниту јавно да најават зошто ги нема на доделувањето на титулата, подобро ќе беше пехарот на МЗТ Скопје да им го додели Антиќ, кој беше присутен на секој финален натпревар.

Не би сакала да ги навредам легендите, Марјан Србиновски и Ѓорѓи Чековски, кои имаа задача на вчерашната финална средба, едниот ги додели зланите медали, другиот МВП признанието. Додека пак медалите за ТФТ ги додели комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, што пак исто беше чудно. Ќе беше комплетно ако на теренот се појавеа уште неколкумината вработени во КФСМ и тие да поделат по некој медал.

Во КФСМ никогаш не сакале да бидат споредувани со другите федерации, но кога е крај на сезоната ќе мора да го сторам тоа за да утре Главчев, Ѓуроски и Стојчевски научат нешто.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ беше присутен на доделувањето на пехарот во Купот на Македонија, на доделувањето на титулата на Шкендија и најпријатно изненадување беше неговото присуство на завршницата во Детска лига.

Одиме понатаму.

РФМ истовремено организираше Куп на Македонија во женска и машка конкуренција. Во Радовиш, домаќинот на Купот на Македонија во женска конкуренција беше присутен генералниот секретар, Влатко Тасевски, додека во Охрид, домаќинот на Купот на Македонија, од првиот ден беше претседателот, Александар Стефанов, додека во неделата пристигна и генералниот секретар.

Оттука се прашуваме, што има да понуди Томица Главчев како претседател на КФСМ, дали со вакво непочитување на клубовите – финалисти, планира заедно со своето раководство да ја менаџираат кошарката за која велеа дека е на дното и дека е во погрешни раце.

Ако денот се познава по утрото – тешко на кошарката во следните четири години со непрофесионализам. Бизнисот и сенсот за непочит (најважното нешто) не одат заедно. Треба да си комплетна личност за да застанеш на чело на една федерација.

Среќа што заврши сезоната….

ПретходноОфицијално: ГРК Охрид се пофали со Стефан Петриќ! (ФОТО)
СледноМладинците на ШК Алкалоид го освоија „Куманово Опен“