Машката репрезентација на Македонија влегува во финална фаза од подготовките за ЦЕВ Европската Златна лига, која за нас стартува викендов, кога од 6 до 9 јуни во Братислава, Словачка настапуваме на првиот турнир.
Одбојкарите добија два дена слободни (сабота и недела), а од вчера изутрина се вратија на работните обврски во Струмица, каде сега акцентот е ставен на видео анализи и тактичко-техничка подготовка за првите два натпревари од годинешното издание.
Најважното е дека сите 15 репрезентативки кои ги има селекторот Јошко Миленкоски се здрави, засега нема никакви проблеми, а желбите се така да биде и во следните три недели.
„По две недели напорна работа викендов им дадов два дена слободни на играчите и од понеделник рано наутро се вративме во Струмица и продолжуваме со подготовките. Влегуваме во онаа популарно наречена финална фаза. Почнавме со видео анализа на противниците и тактичка подготовка. Малку пријателски натпревари се играа периодов, но имаме некои информации и работиме според нив. Нормално, прво се фокусираме на Финска со оглед на тоа дека со нив го отвораме натпреварувањето“, објаснува селекторот Миленкоски и продолжува: „Најважно во моментов е дека сите се здрави, расположени за работа и дека се тече според планот. Се надевам дека така ќе биде и во следните три недели.“
Репрезентацијата в петок изутрина патува за Братислава, додека в сабота го игра првиот натпревар со Финска во 15 часот, во „Гопас Арена“. Македонија и вториот натпревар на 8 јуни го игра во истиот термин од 15 часот против домаќинот Словачка.