Иранецот чека македонски пасош: Едвај чекам да го облечам црвено-жолтиот дрес

669
фото: Одбојкарски клуб "Штип Угд" - Штип (Facebook)

Иранецот Махди Задмард веќе втората година го носи дресот на одбојкарскиот вицешампион Штип УГД и се наметна како едно од најдобрите странски одбојкарски имиња кои настапувале во нашето првенство. За него долго се зборува околу можност да добие македонски пасош и да заигра за македонската одбојкарска репрезентација.

Во интервју за клупската страница, Задмард вели дека со нетрпение очекува да заврши постапката за добивање македонски пасош и, конечно, да го облече дресот на Македонија.

„Многу значи да се игра за национален тим. Едвај чекам да ја добијам шансата да ги бранам црвено-жолтите бои и да дадам сè од себе за оваа нација, затоа што, како што реков, ми стана втор дом. Во Иран има премногу играчи, и кога имав 17 години, бев поканет во националниот тим под 18 години, но не можев да одам ниту на тренинзи затоа што имав повреда на рамото. После тоа не ме поканија повторно, бидејќи продолжија да играат со истите играчи за тимовите под 18, под 19 и под 20 години“, вели одбојкарот на Штип УГД.

фото: Одбојкарски клуб “Штип Угд” – Штип (Facebook)

За плановите за следната сезона, Задмард вели:

„Навистина уживам да живеам во Штип, затоа што стекнав многу добри пријатели овде, и искрено можам да кажам дека најдов втора фамилија во овој град. Многу ми е пријатно со луѓето и околината, и навистина ја ценам топлината и поддршката од сите околу мене. Но, како професионален спортист, секогаш се стремам да напредувам, па како што дојдов од Иран да играм тука, се надевам дека еден ден ќе продолжам понатаму и ќе играм во посилни лиги за да го унапредувам моето одбојкарско искуство.“

ПретходноВИДЕОЛОТАРИЈА СПОНЗОР НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА ТРЧАЊЕ, ПЛИВАЊЕ, ВЕЛОСИПЕДИЗАМ, ДУАТЛОН И ТРИАТЛОН 091РАНКРУ СКОПЈЕ
СледноНа иницијатива на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ: Слободен влез за децата од Детска лига и училишен фудбал на мечот Македонија – Белгија!