Живееме во време кога информациите за здрав начин на живот, спортување и добри навики се насекаде – на Интернет, на телевизија, дури и на опаковките на храната што ја купуваме. Но, парадоксално, нашето секојдневие е сè повеќе седечко, темпото забрзано, а стресот секојдневен. Сè повеќе луѓе чувствуваат дека губат контакт со сопственото тело – не знаат што му треба, како да го активираат и како да го заштитат.
Во таква реалност, ни се потребни луѓе кои го разбираат човековото тело и неговите потреби и знаат како тоа знаење да го пренесат. Луѓе кои ќе мотивираат, ќе водат и ќе инспирираат. Луѓе како Слободан Панајотов, студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Мојата одлука да се запишам на овој Факултет произлезе од желбата да научам како функционира човековото тело за време на физичка активност. Посебно ме привлекоа областите како физиологија, биомеханика и спортска медицина – тие ми дадоа алатки за да го разберам телото, но и да помогнам некому да го подобри сопственото здравје“, наведе Слободан.
Овој Факултет ја гради идната генерација професионалци кои ќе се грижат за физичкото и менталното здравје на нашето општество. Со богата програма на сите три циклуси – додипломски, постдипломски и докторски – студентите можат да се усовршат во различни области: да бидат професори, тренери, спортски менаџери, организатори на спортски и рекреативни настани.
„Студиите овде не се само теорија – напротив. Практичниот дел од наставата ни овозможува директен контакт со теренот. Работиме со деца, со спортисти, во клубови, училишта, фитнес сали… На тој начин, веќе како студенти почнуваме да градиме искуство и професионална сигурност“, објасни студентот.
Спортот е една од најмоќните алатки за промена – не само на телото, туку и на умот. Тој не учи на дисциплина, самодоверба и тимска работа. Спортот лечи, смирува, фокусира. Во денешно време, кога менталното здравје е тема број еден, спортот може да биде првиот чекор кон подобро секојдневие. Затоа ни се потребни луѓе што ќе го разберат тој процес.
„Сакам да работам со луѓе, да им помогнам да се чувствуваат подобро, да изгледаат подобро, да бидат поздрави. И знам дека тука сум на вистинското место за тоа“, додаде Слободан.
Покрај тоа што создава врвни експерти, Факултетот вложува и во квалитетни кадри – професори и асистенти кои се активни во спортската практика, истражување и образование.
„На младите им порачувам – вложувајте во знаење, без разлика дали сте спортисти, рекреативци или едноставно сакате да живеете поздраво. Образованието е алатка со која ќе го градите не само вашиот пат, туку и ќе им помогнете на другите да го најдат својот“, заклучи Слободан.
Факултетот за физичко образование, спорт и здравје е место на промени, место каде што се создава здраво општество и професионални кои сега ни се потребни повеќе од кога било.