Селекцијата на Португалија е финалист во Лигата на Нации. Вечерва во Минхен на “Алијанц Арената“, Роналдо и другарите славеа со 2:1 против домашната селекција на Германија и тоа откако “панцерите“ водеа со 1:0 со голот на Вирц во 48.минута.
Потоа Португалците заиграа одлични и со головите на Консеисао и Роналдо, за само пет минути, во 63. и 68.минута, направија пресврт и дојдоа до победата.
Ова за Роналдо беше 220 настап за Португалија и 137 гол. Интересно е тоа што Португалија ја победи Германија по цели 25 години, кога во 2000 година Серџио Консеисао постигна три гола, за да вечерва неговиот син постигна гол против Германците.
Кога сме кај бројките да кажеме дека ова беше 100 меч за Германија на капитенот Џошуа Кимих.
Убав, квалитетен натпревар на “Алијанц Арената“, кој доцнеше неколку минути поради силниот дожд и град кој паѓаше во Минхен. Во првата фаза од средбата домашните беа подобри, имаа и шанси за водство, посебно онаа на Горецка, но на пауза се замина со тие 0:0.
Но во второто полувреме натпреварот се отвори и тоа во буквална смисла, и двете селекции го засилија ритамот. Прво Вирц стрелаше за 1:0, за да потоа Португалците вратат со два гола, преку Консеисао и Роналдо.
Утре се игра второто полуфинале, и тоа во Штутгарт, меѓу Франција и Шпанија. Тоа ќе биде дуел на актуелниот светски вицешампион против европскиот првак.
ФОТО: Х