Полуфинале ЛН: Португалија против традицијата, Германија подготвена за финале

249

Вечерва во 21:00 часот, на „Алијанц Арена“ во Минхен нè очекува фудбалски спектакл во полуфиналето на Лигата на нации на УЕФА. Германија се среќава со Португалија во дуел на два европски гиганти кој носи место во финалето и шанса за освојување на престижниот трофеј.

Германија, предводена од Јулијан Нагелсман, влегува во натпреварот во одлична форма, непоразена во последните осум натпревари. „Панцирите“ сакаат да ја потврдат својата улога на фаворити пред домашните навивачи, потпирајќи се на солидната одбрана и експлозивниот напад. Тренерот Јулијан Нагелсман пред натпреварот изјави: „Ја почитуваме Португалија, но веруваме во нашата сила. Подготвени сме да се бориме и го сакаме финалето!“

Од друга страна, Португалија, предводена од Роберто Мартинез, има за цел да го повтори успехот од 2019 година кога ја освои Лигата на нации. Со Кристијано Роналдо, Бруно Фернандеш и Бернардо Силва, „морепловците“ се секогаш опасни.

Германија има историска предност, бидејќи е непоразена од Португалија повеќе од 25 години, но тимот на Мартинез е решен да ја прекине таа серија. Голманот Марк-Андре тер Штеген се врати по девет месеци надво од терените поради повреда и се очекува да биде стартер. Капитенот Кимих е пред својот 100-ти настап за Германија, и тој е играчот во најдобра форма во тимот, по неговите блескави настапи против Италија, каде што играчот на Баерн Минхен постигна гол и им асистираше на другите четири гола во двата натпревари.

Се очекува тактичка битка меѓу германската дисциплина и португалската креативност, а судејќи според досегашните настапи и на двата тима може да очекуваме погодоци.

МОЖНИ СОСТАВИ:

ГЕРМАНИЈА: Тер Штеген; Кимих, Тах, Антон, Мителштат; Грос, Горецка; Гнабри, Вирц, Сане; Ундав

ПОРТУГАЛИЈА: Коста; Далот, Диас, А. Силва, Мендеш; Бернардо, Витиња, Невеш, Фернандеш; Жота, Роналдо

ПретходноСензационално: ГРК Охрид се засили со некогашен ракометар на Барса! (ФОТО)
СледноАлкалоид против Пелистер го почнува мини-маратонот!