Лука Модриќ наскоро треба да стане нов член на Милан како слободен агент, а според италијанските медиуми, остануваат само неколку формалности да се решат.
Таа информација наиде на позитивен одѕив кај навивачите на „росонерите“, вклучувајќи го и Јаник Синер, најпознатиот италијански тенисер. По победата во полуфиналето на Ролан Гарос против Александар Бублик, Синер накратко се осврна на потенцијалното доаѓање на хрватскиот репрезентативец.
„Па, тоа е фантастично, нели? Не сакам да оставам впечаток дека знам многу за фудбалот, но што се однесува до играчите, имаме некои многу добри, фантастични квалитети. Ќе видиме за кого ќе потпише. Го познавам Лука, тој е навистина добар играч, веројатно еден од најдобрите во светот. Па ако потпише за Милан, уште подобро. Би било фантастично“, рече Синер.
Тој објасни и како почнал да го поддржува Милан.
„Станав навивач на Милан кога си заминав од дома. Делев стан со помлад играч, тој беше две години помлад од мене и беше навивач на Милан. Секој пат кога играа, мораше да го гледаме натпреварот. А имавме само еден телевизор! Оттогаш, си реков: Го бирам Милан. Така станав навивач“, додаде тенисерот број еден во светот.