Шпанија ќе ја брани титулата во Лигата на нации и оваа година, откако вечерва во второто полуфинале во ова натпреварување славеше против Франција со 5:4 и закажа финале в недела во Минхен против селекцијата на Португалија.
Во штутгарт присуствувавме на вистинска голеада и две сосема различни лица на двете селекции.
Шпанците покажаа доминантна партија, иако Франција на крајот успеа да го ублажи поразот. Момците на Де ла Фуенте одиграа извонредно прво полувреме во кое за три минути од 22 до 25. минута имаа предност од 2:0. Прво погоди Вилијамс, а по него и Мерино.
Јамал од пенал и Педри во две минути на стартот на второто полувреме веќе донесоа големи 4:0 за Шпанците, а потоа Мбапе од пенал успеа да намали на 4:1. Шпанија погоди преку Јамал и за 5:1, по што следуваше големо опуштање на тимот, што Франција сериозно го искористи и до крајот успеа скоро и комплетно да се врати во мечот.
Черки во 79. минута намали на 5:2, а потоа со автоголот на Вивиан, „петлите“ дојдоа и до 5:3. Во самата завршница на мечот избраниците на Дидие Дешамп успеаја и по четврти пат да го матираат Унаи Симон, откако Коло Муани погоди за конечни 5:4.