Вечерва од 21 часот на МХП Арената во Штутгарт се игра второто полуфинале во Лигата на Нации, а се среќаваат Шпанија и Франција. Токму овој мега – дуел ќе го даде одговорот на прашањето која од овие две селекции ќе се најде во финалето и ќе ги одмери силите со Португалија, која вчера по триумфот над домашната селекција на Германија прва се пласираше во финалето.
Јамал или Мбапе? Шпанија или Франција?
“Фуријата“ е актуелен европски првак, додека “триколорите“ се светски вицешампиони, па така од ова произлегува дека се среќаваат две од трите најдобри репрезентации во светот.
Секако дека во центарот на вниманието би требало да биде и дуелот меѓу Јамал (Барселона) и Мбапе (Реал Мадрид), а покрај мега-ѕвездата на “кралевите“ тука се и Дембеле и Дуе, спектакуларниот напаѓачки тандем на новиот шампион на Европа, тимот на ПСЖ.
Овие две селекции ќе расчистуваат и стари сметки, посебно од последното ЕУРО 2024, кога Шпанија беше подобра од Франција и победи со 2:1 во полуфиналето. Од друга страна во претходното финале на Лигата на Нации 2021, Франција беше подобра со 2:1.
Секако дека минатото меѓу овие две селекции, гарантира вистински спектакл вечерва во Штутгарт.