Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, вчера беше дел од настан организиран од ОФС Гази Баба, на кој клубовите од општината добија нова спортска опрема и фудбалски реквизити.
Во рамки на овој настан, ФФМ учествуваше со донација на фудбалски топки, како дел од континуираната поддршка што „Куќа на фудбалот“ ја обезбедува за локалните клубови.
„Големо е задоволството кога локалната самоуправа, Општинските фудбалски Сојузи и клубовите заеднички инвестираат во иднината на нашите деца. ФФМ со радост беше дел од оваа иницијатива, преку донација на фудбалски топки за клубовите од ОФС Гази Баба, како дел од нашата посветеност кон развојот на фудбалот на сите нивоа.
Сакам јасно да порачам: ФФМ е целосно отворена за соработка со сите општини во државата и сите градоначалници кои се подготвени заедно да вложуваме во спортот, младинскиот развој и инфраструктурата.
Веруваме дека само на тој начин можеме да постигнеме повисоки стандарди, да го зголемиме учеството на младите во спортот и да изградиме здрави генерации. Ако успееме во тоа, ќе направиме голема работа, изјави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Оваа активност е дел од стратегијата на ФФМ за поддршка на клубовите. ФФМ изразува особена благодарност до градоначалниците на општините Гази Баба, Петровец и Илинден за нивната поддршка. Исто така, упатуваме благодарност до претседателот на ОФС Гази Баба, Дарко Костовски, кој со голем ентузијазам се вложува во проектите и активностите на сојузот.