Центарот за едукација при Фудбалската федерација на Македонија, во периодот од 18 мај до 19 јуни 2025 година, организира три семинари за добивање УЕФА тренерски лиценци – УЕФА Ц курс, УЕФА Б курс и УЕФА А курс.
Првиот модул од УЕФА А курсот се одржа во Дојранво периодот од 18 до 23 мај 2025 година, каде учествуваа 29 кандидати. Овој модул беше првиот од вкупно три модули, потребни за стекнување на УЕФА А лиценца. Кандидатите покажаа високо ниво на ангажман и посветеност, како и активно учество во наставата, успешно извршувајќи ги сите поставени задачи и практични тренинзи.
На 30 мај се одржа УЕФА Ц курсот, на кој учествуваа 32 кандидати, додека обуката за УЕФА Б лиценца ќе се одржи во периодот од 13 до 19 јуни 2025 година.
Исто така Центарот за едукација во мај го комплетираше и првиот УЕФА А фитнес семинар кој се одржа во ФФМ Скопје, на кој земаа учество 21 кандидат.
Дополнително, Центарот за едукација го најави и курсот за највисокото ниво на тренерска лиценца – УЕФА ПРО лиценцата, кој ќе започне во септември 2025 година во Скопје.
За време на обуките, беа применети современи методи, практични примери, тренинг-сесии и теоретска настава на теми поврзани со процесот на тренирање, во согласност со новата УЕФА конвенција за 2024/2025 година.
Значаен интерес беше забележан за сите организирани курсеви, што претставува охрабрувачки показател за растот на тренерската професија во македонскиот фудбал. Меѓу пријавените се најдоа голем број поранешни и активни фудбалери, вклучувајќи и репрезентативци, кои ја препознаа вредноста на едукацијата и се одлучија за развој на својата тренерска кариера.
Центарот за едукација со гордост истакнува дека работеше со мотивирани и посветени кандидати, подготвени целосно да се вложат во процесот на учење. Од своја страна, обучувачите несебично го пренесоа своето стручно знаење и искуство, како основа за идниот успех и развој на секој од нив во тренерската професија..
Посебно значаен аспект е учеството на 13 кандидатки – жени, што претставува важен и охрабрувачки чекор кон зголемување на женското присуство во тренерската професија. Нивното учество дополнително ја нагласува заложбата за еднакви можности и инклузивност во фудбалската едукација.
Образовниот процес на овие кандидатки беше целосно поддржан и стипендиран од страна на УЕФА и ФФМ, како дел од заедничките напори за развој на женскиот фудбал и унапредување на женските тренерски капацитети на национално ниво.
Наставата беше целосно реализирана од страна на едукаторите од Центарот за едукација и надворешни соработници:
· Борче Христов – директор на ЦЕ, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Вујица Живковиќ – професор на ФФОЗС, едукатор, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Жикица Тасевски – едукатор, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Висар Ганиу – едукатор, носител на ПРО лиценца
· Гордан Здравков – едукатор, носител на ПРО лиценца
· Проф. д-р Ленче А. Величковска – декан на ФФОЗС, предавач
· Горан Станич – селектор на младата репрезентација на Македонија (У21)
· Доц. д-р Зоран Ханџиски – специјалист по спортска медицина
· Филипина Негриевска – Експерт за заштита на деца и млади
· Ирена Бакревска Милошевска – Раководител на оддел за меѓ.активности, проекти и општествена одговорност при ФФМ.