Белгија е во Скопје, скапите и силни „Ѓаволи“ дојдоа да ја покорат Македонија, дојдоа по бодовите, Македонија е пред сериозен и тежок испит. Како против една од најдобрите светски селекции, репрезентација која со години беше лидер на ФИФА листата но и селекција која никогаш не освои ништо…
Нов циклус, нов селектор и нова надеж за Белгија, а од Белгија на линија со СпортСпорт е Томе Пачовски. Нашата поранешна „единица“ и голман кој остана да живее и работи токму во Белгија! Како вечерва!?
“Уф…Белгија е фаворит, голем фаворит. Се освен пораз за нас би било голем успех. Треба да сме реални. Гостинот е пресериозен состав, состав кој можеби за последен пат има шанса да дојде до голем успех. Лукаку, де Брујне… веќе се во сериозни години… Но Белгија не е само Лукаку или де Брујне… Комплетно силен тим на сите позиции и со „страшно“ јака клупа. Фудбалери кои се дел од светските клубски гиганти.. Победници, шампиони и големи професионалци…“, коментира Пачовски од Антверпен.
Како да се сопре Лукаку, каде е нашата шанса за сензација!?
“Да не влегуваме во дуел игра со Лукаку, трпеливо и со удвојување да се парира на фудбалскиот „ѕвер“ на кого му треба малку простор за да даде гол, да реши натпревар… Истото и со Де Брујне и Доку… Само трпеливо, затворено и со еуфорија од публиката. Да не се загуби! Тоа би било успех за нас и резултат кој ќе не остави во игра барем за втората позиција на табелата и битка со Велс за тоа место“. – вели популарниот Пача.
Се очекува полн стадион, голема поддршка…
„Тоа е одлично за нашите фудбалери. Таа енергија и поддршка од трибините може да донесе поголем адреналин кај нашите репрезентативци. Барди, Елмас… Малку им треба на нив за да направат потег и да го загрозат голот на Белгија. Одбраната е ранлива на гостите, но како да се сочуваат нивните напади!? Тоа е маката и тоа е силата на секогаш фуриозната Белгија. Имаат и сериозен селектор на клупата во името на Руди Гарсија. Од него се очекува многу. За Македонија најлошо е тоа што за нив ова е прв меч во квалификациите но и јуни, месец во кој сите тие големи професионалци и врвни фудбалери се исцедени од напорните клубски обрски и со нетрпение чекаат да одат на одмор, некои пак ги очекува и настап со своите клубови на светското првенство. Треба да веруваме и да бидеме оптимисти иако реално против себе имате страшен добар ривал и голема репрезентација. Тука во Белгија сите очекуваат лесна и сигурна победа на нивните „Ѓаволи“. Наше е да им ги расипеме плановите и пресметките. Со среќа Македонија!“, – е ставот на Томе Пачовски во пресрет на квалификацискиот меч Македонија – Белгија кој се игра за неколку часа во Скопје.