Пеналите го одлучија победникот на годинешното издание на Лигата на нации на УЕФА, а Португалија по вторпат во историјата успеа да го освои трофејот од ова репрезентативно натпреварување.
Вечерва во Минхен на „Алијанц Арена“ во регуларниот дел на финалниот меч меѓу Шпанија и Португалија беше 2:2, по продолженијата исто така, а по пенал-рулетот, Португалија славеше со 5:3.
Факт е дека Шпанците беа за нијанса поопасни во регуларниот дел од натпреварот, имаа многу повеќе посед на топката во одредени моменти, а Португалците успеаја да ги искористат своите шанси и да го доведат натпреварот во продолжение. Шпанците поведоа во 21-та минута преку Зубименди, а Португалците возвратија во 26. минута кога Нуно Мендеш направи вистински хаос во шеснаесетникот на Шпанија, и погоди за 1:1.
И кога сите помислија дека обете репрезентации ќе одат на одмор без водство, Бруно изгуби топка во противничката половина, судијата не досуди прекршок, Педри повлече и му асистираше на Ојарзабал кој постигна гол за 2:1.
Израмнувањето дојде во 61. Минута кога Кристијано Роналдо се избори за позицијата и погоди за 2:2.
Во пенал-рулетот трагичар за Шпанија беше Мората кој промаши во четвртата серија, додека Португалците погодија 5 од 5.