СпортСпорт во Астана, Огнен Чак Дојчиновски
Македонската репрезентација денеска од 16:00 часот по наше време го игра четвртиот дуел од квалификациите за Мундијалот во САД, Канада и Мексико 2026 година. Нашиот национален тим има за задача да ја продолжи позитивната серија која што ја има во моментов во оваа кампања и активно да ги одржува шансите за висок пласман во групата.
Како што многу често нашиот селектор Благоја Милевски изјавува, секој меч е засебна приказна. Не може оној меч против Белгија кој го одигравме пред неколку дена во Скопје со ништо да се спореди со овој денеска против Казахстан во Астана. Околностите се поинакви, улогите се спротивни.
Македонија денеска мора да нападне, мора да ја има улогата на фаворит на терен. Мора да диктира темпо, мора да се прашува за се во текот на сите деведесет минути.
Затоа денеска Македонија ќе има промени во составот. Ќе игра офанзивно, и ќе постави напаѓачка формација.
Чурлинов, Трајковски и Миовски во „шпицот на нападот“
Денеска што се однесува до нападот се враќаат во стартните единаесет Александар Трајковски и Дарко Чурлинов. Крилните позиции ќе ни бидат покриени со искусниот Трајковски кој за вакви мечеви ни е исклучително потребен, и Чурлинов кој што е во добра форма, и кој што против Белгија одигра одлични половина час во вториот дел. Бојан Миовски е константа и стандардно е нашиот најистурен напаѓач.
Елиф Елмас нормално, во својата централна креативна улога, како и Енис Барди. И обајцата против Белгија одиграа маестрален меч, веруваме дека денеска ќе се повторат. Последни во линијата за врска ќе бидат Костадинов и најверојатно Агон Елези.
Дебитант во дефанзивата во името на Стефан Деспотовски
Од друга страна, одуството на Бојан Илиевски, досега стандардниот десен бек на Македонија отвора простор за дебитантот Стефан Деспотовски. Играчот на ОФК Београд за прв пат е дел од нашиот А тим и веднаш добива шанса да заигра во првиот состав. Останатите во последната линија се Зајков, Муслиу и нормално Езѓан Алиоски.