Дејвис Куп: Малта е прв противник на македонските тенисери!

59

Од утре до сабота на терените на ТК Југ во Скопје ќе одигруваат мечевите од Третата Европска група од Дејвис купот. Македонија оваа година ќе биде предводена од Калин Ивановски, кој по една година се враќа во националниот тим (поради повреда отсуствуваше лани), а покрај него во тимот се уште: Берк Бугариќ, Амар Хусеиновиќ, Стефан Мицов и најмладиот Кристијан Јанев.

Селекторот Горан Шевченко истакна дека е добро што по четири години Македонија повторно е домаќин, но и дека тимот е добар и може да постигне добри резултати и секако да се пласира во повисока група (Втора Светска група).

  • Добро е што ќе стартуваме против Малта, а потоа следуваат мечевите со Црна Гора (среда), Молдавија (четврток), Ерменија (петок) и Латвија (сабота). На почетокот на секој меч се играат двата сингла, кај нас ќе бидат Калин и Берк. Тие двајцата добро играат и како двојка тоа го покажаа и на Macedonian Open. Секако важно за тимот ќе биде другите да придонесат за реултатите. Латвија, Црна Гора, Молдавија и Македонија ќе конкурираат за првите три места, но не треба да се потценат ниту Малта и Ерменија. Секој меч ќе биде важен, изјави Шевченко.

Секако сите очи од играчиот дел ќе бидат кон нашиот најдобар играч Калин Ивановски:

  • Среќни сме што повторно ќе играме на домашен терен, а ги повикувам гледачите да гледаат добар тенис и да ни дадат поддршка, напомена Калин.

На неговата изјава се наврза и Берк Бугариќ:

  • Најдоброто за секој тенисер е кога има можност да ја претставува својата држава. Со нетрпение го очекуваме почетокот на мечевите и сметам дека ќе ја минеме групата и ќе „влеземе“ во Втората Светска група.

Највозрасен во македонскиот тим е Стефан Мицов, кој додаде:

  • Со настапот дома имаме добри шанси, но она што е поважно е дека има добра енергија во тимот за да постигнеме добри резултати.
  • Извонредно е чувството да се настапува во Македонија. Сметам дека сме добро подготвени и дека можеме да се пласираме во Втората група, изјави Амар Хусеиновиќ.
  • Ова за мене е прв настап во сениорскиот тим. Добро сме подготвени имаме и потенцијал за Втора група, воедно ги повикувам сите да дојдат да не гледаат, рече најмладиот во нашиот тим Кристијан Јанев.

Во првото коло покрај мечот Македонија – Малта играат уште: Латвија – Црна Гора и Молдавија – Ерменија.

Почетокот на првите сингл мечеви е во 10:30 часот. Влезот е слободен.

ФОТО: Тениски федерацијана Македонија

ПретходноКако што и најавивме: Објавен е стартниот состав со кој ќе го нападнеме Казахстан! (ФОТО)
СледноЗа Казахстан сме само Македонија и ништо друго… домаќинот со прекрасна атмосфера пред мечот (ВИДЕО)