Миленкоски: Мора да ја гледаме целата слика, нашата цел е Европско првенство!

67
фото: Одбојкарска федерација на Македонија (Facebook)

Машката сениорска репрезентација на Македонија со порази од Финска и Словачка на првиот турнир во Братислава викендов го започна настапот во ЦЕВ Европската Златна лига 2025. Уште пред почетокот на подготовките селекторот Јошко Миленкоски, кој по пауза од година дена се врати на кормилото на националниот тим, нагласи дека таа ќе послужи како подготовка за она главното летово, евро-квалификациските дуели со Грција и Грузија.

Во првата летна акција Македонија влезе со сериозно подмладен тим каде за прв пат дел од играчите добија посериозна минутажа. Репрезентацијата најави дека не е без амбиции во она натпреварување, но има работи кои се поважни, како што е подмладување на екипата и креирање на тим за во иднина, но и пласман на ЕП – што е цел број еден.

Тоа го потенцира и селекторот Миленкоски во анализата по првиот турнир.

„Европската Златна лига ја стартувавме со два порази од Финска и Словачка на првиот турнир во Братислава. За разлика од лани, кога го победивме само Азербејџан, годинава очекуваме подобри резултати, но нема да биде лесно! Не случајно е името Златна лига, каде играат најдобрите европски репрезентации,  а факт е дека викендов ние игравме и со селекции над кои немаме победа досега во историјата. Истовремено мора да ја гледаме и големата слика. Европската лига е натпреварување во кое може да се пријавиме и да се натпреваруваме секоја година, додека пласманот на Европско првенство е тежок и неизвесен процес, а тоа е нашата главна мисија во моментов. Пласман на ЕП заедно со подмладувањето на репрезентацијата, процес кој го започнавме во договор со челниците на Федерацијата. Со таа цел и составот е сега поинаков и таа ни служи како подготовка за квалификациите за ЕП кога екипата ќе биде проширена и засилена со уште неколку одбојкари кои се отсутни во моментов. Таков е случајот скоро со сите репрезентации кои Европската лига ја користат за темпирање на формата за ЕП“, објаснува предводникот на сениорите Јошко Миленкоски и продолжува: „Имам 65 години и следната сезона најверојатно ќе биде последна во мојата кариера. Во репрезентацијата сум за да помогнам да направиме систем кој ќе функционира во иднина. Имам прекрасен стручен штаб со неколку млади тренери кои во следните години треба да бидат предводници на нашите селекции, а за тоа е потребно да минат низ квалитетен едукативен процес (заедно со уште неколкумина) нешто на што исто така работиме периодов. Селекцијата во моментов ни е составена од десетина помлади одбојкари кои во следните десетина години ќе бидат носители на играта на нашата репрезентација. На турнирот во Братислава за првпат позначајни улоги добија либерата Костадин Ричлиев и Ване Арапов, средниот блокер Филип  Лепидовски. Стојан Илиев доби шанса да биде и стартер во дуелот со Словачка, техничарот Ефтим Ричлиев одигра дел од тој натпревар… На следниот турнир поголем простор за игра ќе добијат Давид Стојанов, Лука Костич, а тука се и Стојче Арсов, Кристијан Илијев и најмладиот Тоше Ефремов. За секој од нив важни се не само натпреварите туку и комплетниот тренажен процес летово и најважно е за нив следната сезона да бидат дел од добри екипи во кои ќе играат и ќе напредуваат бидејќи тие се иднината на оваа репрезентација.“

Миленкоски потенцира и дека со ОФМ имаат иста визија за иднината на македонската машка одбојка и што во нашиот национален тим применува нешто што претходно како искуство го имал во неговата тренерска кариера и во Турција и во Грција.

„Со челниците на ОФМ имаме иста визија за иднината на нашата машка одбојка, која се надоврзува на претходното искуство кое го имав кога Турската федерација и клубот Зират банк ми ја доверија едукацијата на турските тренери, кои сега продолжуваат со успешна работа и извонредни резултати во клубовите во кои дејствуваат. Исто и формирањето на млада турска селекција во периодот кога бев селектор на турскиот национален тим. Луѓето од Грчката федерација инсистираа шест млади грчки таленти од 17-18 години да бидат дел од ПАОК оваа сезона, за да минат низ тој процес на стручна работа и едукација со мене. Сега сето тоа сакаме да го примениме и пренесеме и во македонската репрезентација за заедно да ја продолжиме успешната приказна на нашата машка одбојка. Тоа е процес во кој мора сите да веруваме и да бидеме истрајни“ – заклучува селекторот.

Репрезентацијата попладнево од Братислава се врати во Струмица, каде утре ќе одработи два тренинзи додека в среда патува за Рига, каде ќе се соочи со Летонија и Грција во рамките од вториот турнир во ЦЕВ Европската Златна лига.

ПретходноИ министерот за надворешни работи навиваше за Македонија на трибините во Астана (ФОТО)
СледноСекуловски се врати во Пелистер, овој пат како координатор на школата