Триумф во Астана: Македонија и кога не блеска знае како се победува!

972

СпортСпорт во Астана, Огнен Чак Дојчиновски

Победа!!! Казахстан – Македонија 0:1 е исходот од натпреварот од 4.коло во групата Ј во квалификациите за пласман на СП 2026. Тешко гостување, не така блескава Македонија, но сепак победа си е победа, големи три бода се освоени.

Стрелец на победничкиот гол беше Алекс Трајковски во 33.минута, кога со мајсторски волеј шут ни донесе големи три бода.

Треба да се каже дека имавме и среќа, домашните во три наврати ја гаѓаа и стативата, сепак најважни се трите бода,продолжување на серијта.

Браво Македонијо!

Македонија прва се закани преку Алиоски и тоа во 5.минута кога Џани оддлево биеше силно, но голманот на домашните го скроти тој удар. Неколку минути подоцна и Елмас се закани, но голманот Сејсен одново ни ја скрати радоста. Следуваше и ударот на Чурлинов, но гол немаше и немаше. Најопасно по нашиот гол беше во 17.минута кога Кенжебек од лево ја погоди стативата на Димитриевски, но од надворешниот дел, нашиот голман ја контролираше ситуацијата.

Следуваа два напади и две опасни закани на Казахстанците, Чесноков и Самородов многу лесно можеа да донесат водство за домашните, но малку Столе и малку среќата, резултатот уште беше 0:0.

АЛЕЕЕЕЕКС…ГООООООЛ…

И тогаш најубавиот момент во првото полувреме. Ние бевме во напад, топката се одби до Трајковски а овој оддлево од околу 12-13 метри фантатично, со волеј, ја зафати топката и ја смести во мрежата на Сејсен за водство на Македонија од 0:1. Прекрасно, фантастично, Македонија води со 0:1. Ова е еден од најубавите голови на Трајковски во неговата репрезентативна кариера, а со овој Алекс за Македонија постигна 23 голови.

Браво Алекс Трајковски! Браво Македонијо!

КАЗАХСТАН ТРНА ВО НАПАД, НО ….

Домашните знаејќи дека имаат негатива, на почетокот од второто полувреме тргна во поголема офанзива. Во 49.минута Тагуберген, беше во шанса за 1:1, но нема гол, Македонија и натаму со водство.

Не се игра многу фудбал, нашите момци и тоа како знаеја да ја „умртват“ играта, битен е резучтатот, се друго е во втор план а тие 0:1 и тоа ни одат во прилог.

Уф, среќа во таа 58.минута, Самородов истрча десетина метри, се најде на околу 25 метри од нашиот гол, шутна и ја погоди пречката на Столе.

Нешто слично и Алип со опасна закана од далечина, но Димитриевски повторно брани. Лошо е тоа што дозволуваме Казхастан и тоа како да се наметне, па затоа мораше да се прават замени. Искочија и Миовски и повредениот Елмас, а влегоа Ашковски и М.Ристовски. Претходно влегоа и Елези и Митровски.

Во 70.минута и Столе се пожали на повреда, самиот побара судијата Глова да го прекине мечот, а словачкиот судија тоа и го стори а нашиот голман доби лекарска помош.

Добра вест е тоа што Столе остана на нашиот гол, барем засега неговата повреда е санирана.

Во 80.минута Барди од околу 25 метри прекрасно шутираше, сите веќе се израдувавме на 0:2, но сепак Сејсен во последен миг го одбрани овој одличен шут.

Штета.

Македонија има среќа. Сега и Сатпаев во 85. ја погоди стативата, среќа, среќа за Македонија. По третпат Казахстан гаѓа статива.

Квалификации за СП 2026, група Ј

КАЗАХСТАН – МАКЕДОНИЈА 0:1 (0:1)

Астана Арена“ во Астана. Гледачи: 25.000. Судија: Филип Глова (Словачка). Стрелци: Трајковски 33. (МАК).

КАЗАХСТАН: Сејсен, Астанов, Бистров (81.Мухамед), Малиу, Алип, Вороговски, Чесноков (86. Зуев), Куат, Тагуберген, Кенжебек (59.Сатпаев), Самородов.

Селектор: Али Алијев.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Деспотовски, Муслиу, Зајков, Алиоски, Костадинов (53. Елези), Барди, Чурлинов (53. Митровски), Елмас (67.Ашковски), Трајковски (83. Атанасов), Миовски (67.М. Ристовски)

Селектор: Роберт Стојановски.

ПретходноЛуис Енрике посакува уште посилен ПСЖ: Трансферни желби се и Бернардо Силва, Осимен, Дарвин…
СледноСИЛНА Е МАКЕДОНИЈА…. десет мечеви без пораз, „Рисовите“ една година се во позитива