МЗТ Скопје ја одбрани титулата во македонскиот шампионат, а со тоа ги врати шансите да се врати во АБА-лига. Од јадранската елита ќе го прошират бројот на учесници за следната сезона од 16 на 20 екипи, но тоа задоволство ќе чини 200.000 евра.
Претходно беше утврден и рокот до кога заинтересираните екипи ќе треба да го известат раководството на АБА 1-лига дека планираат да конкурираат за четирите места. Истиот беше на крај месец мај.
Сепак ниту следната сезона нема да имаме македонски претставник во ова натпреварување.
СпортСпорт дознава дека актуелниот првак ги известил во АБА1-лига дека следната сезона нема да конкурираат за едно од четирите места, но сезоната потоа би можеле да го сторат тоа.
За учество во ова натпреварување видовме дека е потребен „здрав“ буџет и конкурентен ростер, нешто што во овој момент не само МЗТ Скопје, туку и ниту еден друг тим не може да го обезбеди. Бевме сведоци на катастрофалното дереџе до која е дојдена македонската Прва лига оваа сезона, квалитетот е под секое ниво, па јасно е дека треба да се подготви добар план, да се има силен ростер и секако финансии.
Македонија останува да се натпреварува во АБА2-лига, која беше целосно промашуавње на нашите тимови, никој не успеа да го помине првиот филтер. Според пласманот МЗТ Скопје, ТФТ и Куманово се екипите кои ќе ги гледаме во ова натпреварување.