Муслиу: Ние не сме репрезентација, ние сме како едно големо семејство

2617

 

Огнен Чак Дојчиновски

Убаво е да се биде дел од нешто што знаеш дека не те претставува само тебе, туку одсликува многу, многу повеќе. Убаво е да знаеш дека кога ја слушаш химната на Македонија некаде далеку, знаеш дека иако си опкружен до туѓинци чувствуваш дека не си сам. Дека стои зад тебе цела нација која иако напатена, измачена, секогаш наоѓа повод да се израдува. Тоа секогаш било така.

Во моментов повод за радост ни носи фудбалската репрезентација на Македонија. Со свите игри и настапи во квалификациите за Мундијалот во 2026 година, во САД, Мексико и Канада.

Во нив, по четири дуели одиграни сме на првото место со освоени осум бода. Оние обезбедени вчера во Астана, Казахстан, над домаќинот со минимални 0:1 ни даваат и тоа како сериозни шанси за успех во оваа кампања.

Спортспорт беше дел од експедицијата во оваа далечна земја. Јас како новинар би сакал навистина да ги пренесам сите импресии од таму. Ќе се обидам преку неколкуминутниот разговор со Висар Муслиу, нашиот столб во одбраната кој со години ја „чува“ Македонија од сите напади. Во Астана, и тој и Ѓоко Зајков, и дебитантот Стефан Деспотовски, и ГОЛМАНИШТЕТО Столе Димитриевски, и Џани Алиоски, цела наша дефанзива, но и сите останати не одбранија. Во буквална смисла на зборот. Казахстанците не нападнаа од првата минута, а ние не само што идржавме туку и постигнавме гол преку Трајковски и обезбедивме победа. Онаа победа која со години ја чекаме, зошто? Затоа што таа во моментов ни дава реални, ама навистина реални шанси да се надеваме на прво место во групата и на пласман на Мундијалот.

„Да, резултатите во моментов го кажуваат тоа. Ние обезбедуваме бодови кои не ставаат во позиција да сме лидери, да сме на самиот врв на табелата. Дали тоа годи? Да. Дали не радува? Многу. Дали заслуживме да сме овде со игрите и настапите? Да. Убаво е да си тука. Да победуваш, да си „винер“ во дресот на Македонија“ – го започнуваме муабетот со Висар Муслиу во мермерната чекална на аеродромот во Астана во еден часот по полноќ, а стоперот продолжува.

„Мораме да сме смирени.  Ќе го минеме летото како лидери на табелата. Тоа е одлично, но во исто време мора да сме претпазливи. Никако еуфорија, никако залетување. Смирено, меч по меч. Шансата е тука, шанса која што не сум сигурен дека некогаш Македонија ја имала. Некои нешта се вклопија, резултатите се тука. Но, на Мундијал не се оди со статистика или математика собирање одземање бодови наши или туѓи. На Мундијал се оди на терен. Со борба за секоја топка, со мотивираност, со пожртвуваност. На терен се освојува местото на Мундијал“ – ни вели Муслиу.

Октомври е одлучувачкиот момент за нас

Како што и самиот Муслиу вели, Македонија ќе го мине летото како лидер на табелата во групата. Во септември го пречекуваме Лихтенштајн на свој терен, меч кој по сите параметри не смееме ни да помислиме да го окарактреризираме како ризичен за нас, а потоа следува октомври. Гостување против Белгија на 10. и домаќини на Казахстан на 13 октомври.

„По мечот со Лихтенштајн, следува месец октомври, клучниот момент, одлучувачкиот момент за нас во оваа кампања. Има време до тогаш, да уживаме во овој момент, да се израдуваме прописно што се вели на досегашниот успех, а потоа сконцентрирано да влеземе во финишот на квалификациите“ – вели Муслиу.

Тимот не се само оние единаесет на терен, туку е многу поголем

Конечно, репрезентацијата на Македонија во моментов очигледно дека функционира многу хомогено, компактно и тимски пред се. Искусниот стопер смета дека тоа не е случајно.

„Долго време сме заедно. Дел од нас сме уште од У21 европското првенство заедно, плус ако тука се додадат и поискусните, а и оние кои што доаѓаат од помладата генерација правиме супер тим кој одлично функционира. Тим не прават само оние единаесет на терен, туку тоа е многу, многу повеќе. Оние кои на гледачите не им се во фокус, а имаат огромно влијание на нас, позитивно секако, што сме на теренот. Пред се тука мислам и на раководството на Фудбалската Федерација на Македонија, на претседателот Масар Омерагиќ кој секако како прв човек на фудбалот во Македонија е врвот на пирамидата што се вели. Сите сме заедно и тоа дава една сигурност, еден многу битен момент за сите нас. Играчите, селекторот Милевски, стручниот штаб, техничкиот дел од репрезентацијата. Сите ние многу подобро се чувствуваме кога знаеме дека не сме сами во оваа битка, напротив, дека сме како едно големо семејство, кое и носи на Македонија радост и позитивни мисли. Се трудиме да е така, и ќе направиме се и во иднина да виде така. Мора да биде“ – искрено и од срце на македонската јавност и се обраќа Висар Муслиу.

 

 

ПретходноМурати се врати во Шкендија
СледноПауновиќ: До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи!