Последниот турнир во ЦЕВ Европската Сребрена лига 2025 женската сениорска репрезентација на Македонија го игра престојниот викенд (13-15 јуни) повторно во Струмица. Нашите одбојкарки ќе бидат условно кажано гости, со оглед на тоа дека Израел е организатор на турнирот.
Избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ досега одиграа четири натпревари и имаат две победи над Луксембург и Фарски Острови и два порази од фаворитите Швајцарија и Австрија, а викендов ќе ги измерат силите со Израел и Грузија.
Стручниот штаб и екипата се задоволни од досега прикажаното, но веруваат дека во најдобро издание ќе се претстават на последните два натпревари, кои за жал, ќе се играат зад затворени врати.
„До оваа година немавме освоено сет, а сега имаме две победи по четири одиграни натпревари и задоволен сум. Од турнир во турнир играме сè подобро и навистина ме радува што растеме како екипа. Многупати потенцирав дека имаме одлична атмосфера, девојките имаат убава енергија надвор од теренот, а истата ја пренесуваат во игра и си се поддршка една на друга, што многу значи во полето. Во пресрет на последниот турнир работиме на корекција на некои работи кои се покажаа како проблем и не беа добри во нашата игра. Се надевам дека ќе ги поправиме и во најдобро светло ќе се покажеме на последниот турнир во годинешното издание“, вели селекторот Стефан Пауновиќ.
Репрезентацијата од Фарски Острови директно продолжи во Струмица каде тренира и деновиве во пресрет на последниот турнир.
Според распоредот Македонија игра на 13 јуни (петок) од 19 часот против Израел, додека ден подоцна во истиот термин се соочува со Грузија во натпревар во кој ќе го заокружи настапот во годинешното издание од Сребрената лига.