Македонската фудбалска репрезентација со победата над Казахстан и поразот на Велс кај Белгија во вчерашниот круг од квалификациите во групата „Ј“ за пласман на Светското првенство 2026 година, ќе го помине летниот период на врвот на табелата со 8 бода. Велшаните се втори со бод помалку, но со ист број на одиграни натпревари.
Белгијците кои подоцна ги почнаа квалификациите собраа четири бода во два меча, додека Казахстан има три, а Лихтенштајн е без бодови по три одиграни меча. За момците на Благоја Милевски плодни беа и март и јуни, а со оглед на серијата без пораз која веќе мина 365 дена, оптимизмот дека ќе останеме таму и во септември е сосема реален.
Нашиот следен ривал во квалификациите е селекцијата на Лихтенштајн против која и ги почнавме овие квалификации со победа на гости од 3:0. Во септември ги чекаме репрезентативците на оваа мала европска земја во Скопје. Мечот е закажан за 7 септември, ден пред денот на нашата независност, кога сите очекуваме да ја прославиме и третата победа во овие квалификации.
Клучните мечеви веројатно не очекуваат во октомври. Особено оној со Белгија кој го играме на гости на 10 октомври, додека три дена подоцна во Скопје ни доаѓа Казахстан. Квалификациите ги затвораме во ноември и тоа на 18 ноември со гостување на Велс. Математиката вели дека покрај двете очекувани победи дома против Лихтенштајн и Казахстан, Милевски и неговите момци ќе мора да бараат и некое изненадување на гости во Белгија или Велс за исполнување на крајната цел – место на Мундијалот!