Женската кадетска одбојкарска репрезентација на Македонија за играчи до 19 години загуби со 3:0 (25:9, 29:27, 25:15) од Бугарија на отворањето на Балканското првенство во Тирана.
На избраничките на селекторот Александар Митев како да им требаше дополнително време за загревање, со оглед на тоа дека лошо влегоа во натпреварот, па во првиот сет освоија само девет поени. Сосем поинаква слика понудија во вториот сет, во кој се покажаа како рамноправен противник.
Целиот сет девојките го играа на разлика, понудија силен отпор со добра игра како во полето, така и на мрежата, предводени од Андротеа Милевска. Македонија имаше водство од 23:20 во финишот на сетот, како и две сет топки, кои за жал не успеја да ги искористи. Бугарките знаеја како да ги казнат нашите грешки и во играта на разлика со 29:27 поведоа со 2:0.
Нашите кадетки се бореа и во третиот сет, но Бугарија наметна свое темпо на игра и во средината на сетот поведе со 18:11, за потоа и рутински да дојде до триумф од 25:15 и конечни 3:0.
Вториот предизвик за младите одбојкарски е Косово, со кое се соочуваме утре во 13 часот, во салата „Фарка“ во Тирана.